Сомнежите дека бандите пронашле нов начин за увоз на кокаин во Европа ги потврди и Ханс-Јоаким Леон, шеф на одделот за борба против наркотици на германската криминалистичка полиција (БКА).
Тврдењето е поткрепено со податоци од Белгија и Холандија за првата половина на 2024 година. Двете главни пристаништа за влез на кокаин во Европа - Антверпен и Ротердам - забележале драстичен пад на заплените.
Во Холандија падот изнесува околу 40%. После запленети 28 тони во првата половина на 2023 година, во истиот период оваа година биле запленети само 16 тони. Белгиските власти во споредбениот период забележаа пад од 43 на 22 тони во пристаништето Антверпен.
Според полициските служби, ваквиот пад не е резултат на намалениот интензитет на шверцот на дрога од Јужна Америка, туку на способноста за прилагодување на транснационалниот организиран криминал. Според БКА, понудата на кокаин, неговата цена и чистотата останале во голема мера исти.
Полицијата очигледно стана жртва на сопствениот успех бидејќи криминалните групи одговорија со нови шверцерски методи. На пример, шверцот во бродски контејнери се избегнува а еден од популарните методи е т.н drop-off, оставање на робата некаде покрај брегот, за потоа да се собере со рибарски чамци.
Друг метод е хемиската конверзија пред испораката. Кокаин веќе е пронајден во дрвени пелети, јаглен, дури и измиен во фармерки. Притоа, кокаинот хемиски се менува толку многу што е можно да се врати во првобитната форма само со помош на специјални хемиски методи.
Исто така, постои опција до Европа да се доставуваат само суровините па понатаму да се преработуваат во кокаин. Овој метод на криминалните групи им обезбедува и безбедност од ривалските групи односно кражба на пратките.