Најскапиот настан во историјата на тапкарошите

Вчера започна продажбата на влезници на мечот меѓу Мејведер и Пакијао. За публика имаше одделено меѓу 500 и 1.000 влезници. За неколку минути, сите беа распродадени. Тие што успеаа да купат, карта ќе треба да ја подигнат лично со кредитната картичка со која ја платиле и со лична карта. Останатите што се заинтересирани ќе треба да се снајдат на црно, за многу пари.

ТикАјКју (компанија за продажба на влезници) проценува дека просечната цена на влезницата за Мејведер и Пакијао на црно изнесува рекордни 10.973 долари. Претходниот рекорд го држеше годинешниот Супер Боул во Феникс, со просек од 10.466 долари.

Редовната цена на влезниците беше меѓу 1.500 и 10.000 долари, додека најевтината на црно изнесува 4.477 долари. За јавноста беа достапни само седиштата на трибините во МГМ Гранд казиното.

Најскапото ниво на влезници од 10.000 долари воопшто не беше пуштено во продажба, и се поделени меѓу МГМ Гранд, Топ Ранк и Мејведер Продукшнс. Поделбата на овие влезници беше и една од пречките во претходните обиди за организирање на борбата.

Салата има капацитет од 16.500 луѓе.

24 април 2015 - 10:30