Објавен во март 2020 година, трудот за потеклото на коронавирусот „The Proximal Origin of SARS-CoV-2“ стана еден од највлијателните научни трудови за време на пандемијата. Во него се тврди дека вирусот не е вештачки создаден и дека негово потекло од лабораторија е „неверојатно“.
Овој труд помогна да се побијат тврдењата дека ковид протекол од лабораторија во Вухан, Кина. Оттогаш, тој е прегледан милиони пати и цитиран во илјадници научни студии.
Комуникациите на Фаучи откриваат дека во пишувањето на трудот биле вклучени и Франсис Колинс - поранешниот директор на Националните институти за здравство на САД (NIH), и Џереми Фарар - истакнат советник за ковид во британската влада. Ниту еден од нив не е именуван како автор ниту има благодарност за нивните придонеси.
Актуелниот директор на NIH, Џеј Батачарја во писмо до списанието Nature Medicine побара да биде корегиран или повлечен трудот и да се отвори официјална независна истрага за вмешаност на неофицијални извори и придонеси.
Фаучи, кој во 2020 беше водечки експерт за заразни болести во американската влада јавно ја поддржа теоријата дека коронавирусот што ја предизвика пандемијата преминал од животни на луѓе по природен пат. Како доказ, тој се повика на трудот врз кој наводно лично имал влијание.
Батачарја наведува дека Фаучи и Колинс биле активно вклучени во комуникации со петтемина наведени автори на трудот. Тие добиле нацрт-врезија, а потоа и писмо со „благодарност за советите и водството“, при што биле поканети да дадат и дополнителни коментари пред објавувањето.
Од електронските комуникации се гледа дека Фарар ја проценил на 50% веројатноста за случајно протекување на вирусот од лабораторија, додека професорот Еди Холмс од Универзитетот во Сиднеј – еден од наведените автори на трудот – дал проценка од 60%. Фарар, сепак, бил предупреден дека понатамошната дебата за можно протекување „би ѝ нанела непотребна штета на науката воопшто, а особено на науката во Кина“.
Колинс, пак, тврдел дека таквата дискусија би можела да ја наруши „меѓународната хармонија“ и повикал на воспоставување „рамка што влева доверба“ со цел „да се замолчат гласовите што шират теории на заговор“.
Во времето на објавување, во трудот воопшто не била спомната загриженост за биолошката безбедност во Вухан, а авторите категорично ја отфрлиле можноста за истекување од лабораторија. По објавувањето, дебатата за теоријата за лабораториско потекло практично престана.