Масивниот Сан Кејбл проект отиде во доброволен стечај и принудна управа. Тоа требаше да биде најголемата соларна „фарма“ на светот која ќе собира 'зелени електрони' на површина од 12.000 хектари (120 километри квадратни) во Австралија и потоа со земјен кабел од 800 километри и подводен од 4.200 километри да носи струја во Сингапур.
Проектно, тоа ќе беше девет пати поголема соларна фарма од моментално најголемата и ќе користеше кабли 6 пати подолги отколку што досега било случај.
Одлуката за ставање крај на приказната уследила откако компанијата „не успеа да се усогласи со целите на акционерите“, се наведува во корпоративното сооппштение.
„Иако предлози за финансирање беа доставени, не можеше да се постигне консензус за идната насока и структурата на финансирање на компанијата“.
Познавачи велат дека зад ваквите магловити формулации стои конфликт меѓу двајцата најголеми инвеститори во проектот, милијардерите Мајк Канон-Брукс и Ендрју „Твиги“ Форест, околу финансирањето и насоката на компанијата. Нервозата се зголемувала откако станало јасно дека Сан Кејбл гори многу пари а не успева да ги постигнува зададените маркери.
Тоа ќе беше фарма која ќе произведува 20 гигавати, од кои дел ќе беа складирани. Ќе обезбедуваше 15% од вкупните потреби на Сингапур за електрична енергија а нејзиниот ефект врз средината ќе беше еквивалентен на тоа да снема 2,5 милиони автомобили од патиштата.
Што е со крабите?
Се чини дека тие се неодоливо привлекувани од електромагнетните полиња околу подводните кабли. Доаѓаат и со часови биваат „хипнотизирани“. Не само што се имобилизирани, туку им се менувала и хемијата на крвта и биоритмот.