Мозокот е како падобран, функционира само ако е отворен

Со темата што тоа нè спречува да се сослушаме се имаат занимавано и сериозни теориски физичари. Ако во еден дијалог се влегува со мотив да се победи другиот (овдешните малоумници тоа го викаат „да избрише под со него“), таквиот дијалог само ќе доведе до уште поголема конфузија и недоразбирање.

„И покрај актуелниот светски систем на поврзувања, во овој момент постои генерално чувство дека комуникацијата насекаде се влошува, и тоа без преседан...Она што се појавува во медиумите во најдобар случај е збир на тривијални и речиси неповрзани фрагменти, додека во најлош случај, тоа може да биде навистина штетен извор на збрка и дезинформација“.

Ова не го напишал наш современик, растен на интернет и на социјални мрежи, туку теориски физичар во негов есеј од седумдесетите од минатиот век, објавени во книга под наслов „За дијалогот“. Неговото име е Дејвид Бом, легендарен американски научник кој има дадено значаен придонес кон развојот на квантната механика, кој истовремено се занимавал и со прашањата на човечката комуникација - што е она што нè спречува да се сослушаме, и како да ги надминеме пречките за меѓусебно разбирање.

„Различни групи“, вели тој, „не се во состојба да се сослушаат едни со други. Како резултат на тоа секој обид да се подобри комуникацијата најчесто доведува до уште поголема конфузија, а чувството на фрустрација кое следи ги турка луѓето кон уште поголема агресија и насилство, а не кон меѓусебно почитување и доверба“.

Тој сугерира дека проблемот е во самото разбирање на терминот „комуникација“, во чија основа е латинското communis (зедничко, јавно), што би требало да подразбира пренесување информации од еден човек на друг така за тие да станат заедничко, споделено знаење. Сепак, ова не го покрива сето она што се случува кога комуницираме. На пример во тек на еден дијалог мислењата кои се разменуваат можат да бидат слични но не и идентични. Оттаму, кога некој нешто вели, па другиот реагира, првиот има можност да ја согледа разликата помеѓу она што сакал да го каже и она како бил разбран. Размислувајќи за оваа разлика, тој може да согледа нешто ново, што е релевантно и за неговите сопствени гледишта, и за оние на другиот. Така низ разговорот постојано искрснува нова содржина, која не им е заедничка или позната на двајцата. Оттаму, наместо споделување на некое постоечко знаење поточно е ако се каже дека комуникацијата во случајов подразбира создавање заеднички знаења кои претходно не постоеле.

Секако, ваквиот позитивен исход е можен само ако двајца (или повеќемина) се во состојба да се сослушаат, без предрасуди и без да се обидуваат да влијаат еден врз друг. Секој од нив примарно треба да е заинтересиран за вистината и за кохерентноста на кажаното, како и да е подготвен да ги напушти старите идеи и намери и да ги замени со нови.

Во контраст пак со „дијалог“ е терминот „дискусија“, кој етимолошки (lat. discutere) подразбира некакво протресување, расчленување, раскршување. Она што се расчленува и анализира се различни гледишта, но целата работа според Бојм е како партија пинг-понг во која „играчите“ се обидуваат да добијат поен и да се истакнат. Во дијалогот никој не се обидува да победи, всушност сите победуваат ако секој победува. За него е потребен сосема поинаков дух, во кој секоја разоткриена грешка, направена од чија и да е страна, е добивка за сите.

Сепак, суштинската поента на Бом е дека вистинскиот дијалог треба да цели не кон некое непосредно или практично решение, туку кон повисоката цел на споделување значења:

„Општеството се врските помеѓу луѓето и институциите, поставени така да можеме да живееме заедно. Но тоа функционира само ако имаме култура - што значи ако споделуваме значења, цели и вредности. Во спротивно тоа се распаѓа. Нашето општество е некохерентно, и не му оди баш добро; така е веќе подолго време, ако воопшто некогаш било во добра состојба.“

 

30 март 2017 - 06:23