Критиката од буџетски-конзервативната страна е дека овие екстра средства ќе бидат само фрлени пари, поплаката од американската одбрана е дека 603 милијарди долари годишна воена потрошувачка (плус 30 до 60 милијарди буџетски додаток ако затреба) е премалку и предоцна.
Самите републиканци, предводени од Џон Меккејн како претседател на комитетот на Сенатот за вооружените сили, го критикуваат Трамп дека парите што ги ветил веќе биле предвидени од Обама, и дека реалните потреби на Пентагон се 640 милијарди долари годишно, додека овие 603 милијарди ќе бидат крпење крај со крај. Поплаките се и покрај тоа што експертите очекуваат дека земајќи го предвид буџетскиот додаток Пентагон во 2017 реално ќе потроши 620 милијарди долари, а во 2018 околу 690 милијарди долари.
"Ова е дезинформирање во неговата најдобра форма. Ова е 3-процентен раст и тоа е минимално и не е ни приближно доволно за да ја поправиме штетата направена во последните осум години. Тие имаат 603 милијарди, нам ни требаат 640 милијарди. Значи станува збор за минус од 37 милијарди," порачал Меккејн.
Дополнителните пари за одбраната Трамп планира да ги најде со кратење средства од други државни агенции меѓу кои први се Агенцијата за заштита на околината и намалување на парите за странска помош.
Проблемот е и тоа што и "лајт" верзијата на буџетот од 603 милијарди долари е незаконска, бидејќи според Законот за ограничување на буџетот од 2011, за 2018 беа предвидени 512 милијарди долари за Пентагон.
До сега најголемиот годишен буџет на Пентагон изнесуваше 600 милијарди долари, плус додаток од 130 милијарди долари, и тоа во 2010 кога околу 300.000 американски трупи беа распоредени во Ирак и Авганистан. Денес во двете земји САД имаат околу 15.000 војници.
Во тоа време најголем дел од парите беа потрошени на воени операции во двете земји, додека на големо беше запоставено одржувањето на десетици илјади американски бродови, авиони и возила. Заради ова морнарицата има приземјено речиси две-третини од своите Ф/А-18 воени авиони, кои чекаат пари за поправка. Во исто време цели армиски дивизии и официјално се прогласени за неспособни за интензивна борба.
Трамп сака дополнителните пари да се потрошат на модернизиран нуклеарен арсенал (што би отцепило значителен дел од парите), зголемување на морнарицата од 275 на 350 бродови, и зголемување на возниот парк на авијацијата.