Мажот што го издаде Оланд

Пред една година во едно париско кафуле, 42-годишниот папарацо Себастијан Валиела во разговор со Ле Монд порачува: "ако некој успее да ги фотографира заедно Франсоа Оланд и Жули Гаје тоа ќе биде голема работа. Ама кој ќе се осмели да го објави тоа?" Една година подоцна тој е човекот што ја открива аферата.

На 10-ти јануари таблоидот Closer, објавува вест за аферата на Оланд, придружена со фотографии од претседателот и актерката. На нив двајца мажи на скутер пристигнуваат пред една зграда. Едниот од нив е Оланд. Подоцна во истата зграда влегува и една блондинка, Гаје.

Валиела објаснува како успеал да го фати Оланд на состанок со љубовницата.

"Папараците веќе некое време зборуваа за ова. Главниот проблем беше да се открие местото каде што се гледаат. Почнавме да следиме еден човек од обезбедувањето на Гаје, и го откривме," изјавил Валиела.

Тој почнал да го фотографира парот некаде околу 26-ти декември, меѓутоа фотографиите кои беа објавени се направени вечерта пред Нова година и дента потоа. Валиела работел со уште еден фотограф. Едниот стоел пред влезот карши зградата во која се состанувале Оланд и Гаје, и дискретно фотографирал од тука, а другиот фотографирал од внатре, зад стаклото. Според Presse News Валиела за фотографиите со Оланд добил 40.000 евра.

Валиела се прослави пред 20 години, во 1994-та кога успеа да ја фотографира "тајната" ќерка на тогашниот претседател Франсоа Митеран.

17 јануари 2014 - 18:39