
Интелигенцијата, дефинирана како „способност за разбирање“, е во постојано опаѓање во изминатите десетина години. Испитувања покажуваат дека современиот начин на живот има влијание за еродирање на мисловниот капацитет на луѓето.
Падот на просечните резултати од тестовите ПИСА (глобалното истражување на ОЕЦД колку се вешти 15-годишници во читање, математика и природни науки) се поврзува со изгубената година во образованието поради пандемијата на ковид.
Но, ова објаснување прикрива тренд на подолгорочно и пошироко влошување на човечкиот интелект. Една деценија е малку за да се промени биологијата на човековиот мозок. Низа истражувања укажуваат дека способноста за расудување и решавање нови проблеми го достигнала врвот на почетокот на 2010-тите и оттогаш опаѓа.
Падот на расудување и решавање проблеми не е само кај средношколците. Во ланската проценка на ОЕЦД за вештините видливи се опаѓања кај сите возрасни групи.
Точката на пресврт се поклопува со друг тренд – односот и обработката на информациите што се достапни преку интернет. Содржините се префрлаат од текстуална во визуелна форма, а обемот постојано се намалува. Луѓето сè помалку читаат. Анкета од 2022 година покажа дека повеќе од една половина од Американците не прочитале книга.
Во криза не е само читањето и писменоста. Послаби се и резултатите на тестовите за математика и други форми на решавање проблеми. Тоа сведочи за пошироката ерозија на човечкиот капацитет за ментален фокус и примена на знаењата.
Повеќето дискусии за општествените влијанија на дигиталните медиуми се фокусираат на порастот на паметните телефони и на социјалните медиуми. Но, промената на човечкиот капацитет за фокусирана мисла се совпаѓа со промена во нашиот однос со информациите.
Конечните веб-страници се преобразуваат во бесконечни, постојано освежувани со нови и нови информации и содржини. Луѓето повеќе не трошат толку многу време на активно прелистување и интеракција, туку следат порој од содржини. Фокусираните станаа пасивни потрошувачи.
Истражувања потврдуваат дека активната и смислената употреба на дигиталните технологии често е бенигна, па дури и корисна. Добрата вест е дека основниот човечки интелектуален капацитет е сигурно неприкосновен. Но, исходот е збир на потенцијалот и извршувањето. За премногу од нас, дигиталната средина го попречува второто, забележува Џон Брн Мардок за „Фајненшл тајмс“.