И покрај поддршката што и ја даде на Хилари, тоа не значи дека Сандерс и формално излезе од трката, туку како што потврди неговиот портпарол, Сандерс останува претседателски кандидат.
Без разлика што "ентузијастичкиот идеализам" на Сандерс не успева да го освои мнозинството кај демократите, општиот впечаток е дека тој "сериозно ги надмина очекувањата."
"Успеа да одржи масовни митинзи и да полни стадиони до точка на преливање, покажувајќи дека тврдоглавото инсистирање може да биде регистрирано како харизма за време на изборната кампања. Тој го постигна незамисливото со собирање милиони долари и водење компетитивна претседателска кампања додека истовремено ги осудуваше супер ПАК-те. Неговата стратегија може да служи како моќен модел за идните кандидати," пишува Клер Форан во Атлантик.
Иако останува да се види колку трајно влијание ќе има проповедањето на Сандерс, сепак е сериозен успех што кандидат кој самиот се опишува како демократ-социјалист успева толку да се приближи до Белата куќа, "во земја која толку фанатично го изразува своето обожавање на слободниот пазар. Тој не докажа прифаќањето на социјализмот е добитен предлог, но покажа дека оваа етикета не е па ни политички токсична."
Неговиот успех е што му успеа да тргне дел од идеите кои обично беа на границите на политиката, и да ги претвори во здрав разум, како тоа дека здравствена заштита за сите е право а не привилегија, и дека тоа не е радикална идеја.
На почетокот од кампањата Сандерс беше само уште еден од шареноликите карактери кои се појавуваат во таа фаза, и прилично игнориран. Тогаш дури и самиот Сандерс изразува сомнеж дали ќе може да ги постигне своите цели, и ветува дека парите за кампањата ќе ги собира преку "мали, индивидуални донации". Наспроти неговите стравови, тој успева да собере финансии за кампањата и да го привлече вниманието кон својата агенда, за по некое време и Клинтон да прифати некои од идеите што тој ги промовира. Па така, по притисокот од Сандерс, Клинтон се изјасни дека е против Транс-Пацифичкото партнерство, и Кистон Иксел нафтоводот.
"Со изборот да остане во трката и откако станува јасно дека нема реални шанси за кандидатура, Сандерс требаше да гледа како некои од неговите сојузници се префрлаат во Тим Клинтон, и како симпатизерите се повеќе одат на страната на кандидатот на Демократите.
Сандерс се обиде да го постави основите на едно трајно политичко движење, меѓутоа и таму иднината не е сигурна. Неговата кампања го поттикна растот на армија грас-рут поддржувачи кои постојано бараа начин како да ја продолжат борбата. Прашањето сега е: колку успех ќе има Сандерс и неговите следбеници во изградбата на движење кое ќе ја надживее неговата кампања.
Без разлика кон што ќе го сврти своето внимание по претседателски избори, неговите напори може да стануваат се потешки, делумно, затоа што веројатно ќе имаат помала видливост отколку неговата претседателска кампања. Ќе избледи вниманието од изборите, и за Сандерс може да биде компаративно досадно и разочарувачки да се врати во ходниците на Капитол Хил. Тој ќе се врати со засилен политички профил, и ништо повеќе. Дали ќе може ова влијание да го претвори во трајни политички и законски придобивки е сосема друго прашање," пишува Форан.