Ковид приказна обвиткана во чад

Една научна студија по друга, истражувачи доаѓаат до сознанија дека пушачите се под помал ризик од ковид во однос на непушачите. И покрај обемната евиденција, оваа непријатна вистина останува закопана во интернет длабокото. Не дека некој ќе препорачаше пушење како стратегија, меѓутоа, ако за ова не се дознава вистината, за што друго ја знаеме?

„Постигнав личен успех во април 2020 година кога за првпат, една моја статија, на Фејсбук беше етикетирана како „лажна вест“. Насловот сам си ја бараше белјата („Пушете цигари, спасете животи“)  но и посуптилен наслов ќе беше доволен за аларм меѓу мињоните на Закерберг“ пишува Кристофер Сноудон кој забележува дека во меѓувреме, етикетата  „фејк њуз“ станала медал на честа.

Иако медиумите брзо го загубија интересот за хипотезата дека пушачите имаат помал ризик да закачат ковид, во минативе две ипол години тивко се објавија бројни студии кои тоа го потврдуваат.

Од сто студии на таа тема од разни делови на светот, 87 покажуваат статистички значајно намалување на ризикот од ковид инфекција кај пушачите, во споредба со непушачите.

Тоа се студии со различни методологии и фокус-групи. Малку од нив директно тргнале да го испитуваат ефектот на пушењето, но со оглед на тоа што епидемиолозите речиси редовно ги прашуваат луѓето дали пушат, таа асоцијација станувала сè повидлива.

Наодите се неверојатно конзистентни, при што пушачите обично имаат 50 отсто помали шанси да го закачат вирусот. Некои од истражувачите се изненадени од ваквите резултат, други признаваат дека многу други студии го откриле истото, некои мозгаат за можните биолошки механизми зад тоа, а некои од нив се ужаснати што морале да донесат „про-пушачки“ заклучок.

Пушењето како заштита од респираторна болест дефинитивно звучи контра логиката па и дадените можни објаснувања се тенки: од тоа дека пушачите подолго време престојуваат надвор, до тоа дека почесто се тестирале затоа што кашлаат.

Во таквото море на нагаѓања, како разумен биолошки механизам звучи идејата дека никотинот се натпреварува со вирусот околу истата награда - човековиот ACE2 рецептор. Постои една интригантна американска студија која вели дека пушачите во болница минувале со подобри резултати кога им биле давани никотински лепенки.

Мета-студија на 57 студии која исто така носи заклучок околу намалениот ризик кај пушачите, забележува и дека пушачите НЕ се под зголемен ризик од хоспитализација и смрт од ковид, но таа добра околност, не важи за оние што - престанале да пушат.

Но, и после 100 студии, ако денес гуглате „tobacco Covid-19“ прво ќе ви излезе ставот на СЗО дека „Пушачите се под поголем ризик да бидат заразени....“ па веднаш под тоа се нудат статии кои тврдат дека приказната за намалениот ризик е мит, дека тие што го велат тоа најверојатно се платени од тутунската индустрија....

Да се инсистира на невозможни стандарди на докази кога заклучокот е „политички непријатен“, со децении е стандардна практика во јавното здравство. Врз основа на опсервациска епидемиологија, групите за јавно здравје, вклучително и СЗО, тврдат дека „алкохолот е причински фактор за повеќе од 200 состојби на болести и повреди“, но кога истиот вид на студии, во големо мнозинство покажуваат дека оние кои пијат умерено живеат подолго од оние што не пијат ич, доказите одеднаш станувааат „неубедливи“ и „спорни“.

„Веројатно не постои практична примена од сознанието дека пушењето (или никотинот) некако го намалува ризикот од инфекција со САРС-КоВ-2. Никој никогаш и не помислувал да препорача пушење како превентивна здравствена стратегија за ковид. Но, на вистината не ѝ треба оправдување за да биде слушната“, пишува Сноудон.

Затоа што, ако за ова нè лажат, за што сè друго го прават истото?

5 декември 2022 - 13:27