Компанија почна да нè прска со сулфур

Стартап компанија се пофали дека веќе лансирале метеоролошки балони кои испуштаат рефлектирачки сулфурни честички во стратосферата, што се смета за една од црвените линии во соларниот геоинженеринг. Се разбира, сето тоа за наше добро.

Геоинженерингот подразбира намерни напори за манипулирање со климата со рефлексија на повеќе сончева светлина назад во вселената, имитирајќи го природниот процес што се случува како последица на големите вулкански ерупции.

Теоретски, прскањето сулфур и слични честички во доволни количини може потенцијално да го олесни глобалното затоплување. Технички не е тешко тоа да се изведе, но науката досега се воздржуваше од слични експерименти бидејќи се работи за контроверзен предизвик.

Малку знаеме за реалните ефекти на таквите интервенции кои би можеле да имаат и опасни несакани ефекти. Згора на тоа, влијанието може да биде полошо во некои региони отколку во други, што може да предизвика геополитички конфликти.

Тоа не им пречи на компанијата со згодно име, Make Sunsets, да најави дека ќе почне да дели „кулирачки кредити“ за оние компании кои ќе сакаат да инвестираат поголем товар сулфур кој ќе биде испуштен во стратосферата.

2 јануари 2023 - 10:54