Кој губи од УБИ?

Одвреме- навреме се актуелизира темата за универзлниот основен доход ((Universal basic income – UBI), бесповратна и безусловна парична помош која државата би им ја давала на луѓето секој месец, за да ги покријат основните животни трошоци. Како што опиша новинар на Гардијан, тоа се пари кои ги добиваме не затоа што работиме туку затоа што постоиме. 

Причините за сиромаштвото се разнородни и во многу случаи може да се најде не само системска нееднаквост, експлоатација и неправда туку и сопствени грешки, мани или просто - мрза. Ама и многу здравствени проблеми се предизвикани од лоши навики но цивилизација во 21 век не би требало само да слегне со рамења и да каже дека и сиромашните и болните самите си се криви.

Истражувања покажуваат дека сиромаштијата, освен очекуван скратен животен век и пониско образование, доведува дури и до намалување на интелигенцијата. Познат е примерот со одгледувачите на шеќерна трска во Индија. Луѓето кои се бават со таа работа, сиот свој приход го остваруваат непосредно после жетвата, што значи дека дел од годината се релативно сиромашни а дел од годината побогати. Студија од Принстон има покажано дека на IQ тест направен пред жетвата, имаат 14% помалку интелигенција отколку на тестовите откако ќе се „опарат“. Толкав пад на квоциентот е еквивалентен на оној до кој доаѓа од систематско ускратување сон.

Холандскиот историчар Рудгер Брегман вели дека сиромашните не носат погрешни одлуки за својот живот (се задолжуваат, помалку штедат, повеќе пушат, нездраво се хранат, повеќе се коцкаат...) затоа што се глупи туку затоа што во тие околности секој, или барем повеќето од нас, би носеле исто така погрешни одлуки.

Тоа е причината зошто многубројни едукативни владини и невладини програми за сузбивање на сиромаштијата не успеваат - сиромаштијата не е само недостаток на знаење.

Идејата за УБИ не е нова и е идеолошки шаренолика, од Томас Мор и Бертранд Расел, преку Мартин Лутер Кинг, Милтон Фридман и Стивен Хопкинг, па до Елон Маск, Јанис Варуфакис, Бил Гејтс и папата Франциско.

По нив, спроведувањето на оваа идеја, освен очигледните бенефити по квалитетот на животот и здравјето на луѓето, ќе доведе до драматично намалување на државната бирократија: би се замениле вагон социјални програми (само во САД има 150 такви) и би се зголемила потрошувачката што би ги натерало бизнисите да нудат поквалитетни производи и услуги. Сигурен месечен приход, како што досегашните искуства потврдуваат, на луѓето им дава фора да почекаат подобри и посоодветни за својата струка работни места, го продолжува образованието и го мотивира волонтирањето и хуманитарните ангажмани.

Добро, ама колку тоа ќе кошта?

Пресметките велат дека редовни приходи кои би го држеле целото население над прагот на сиромаштија (кој варира од земја до земја) би изнесувале околу 6 проценти од БДП. Тој процент би требало да се гледа намален за заштедите кои би се добиле со укинување на други владини програми и придружната администрација.

Парцијални експерименти на оваа тема имаат правено не мал број земји (Шкотска, Канада, Тајван, Израел, Иран, Монголија, Холандија, Кенија, Финска..) и освен подобрување на материјалните околности, резултатите покажуваат дека опаднал бројот на хоспитализација, имало подобри резултати на школските тестови, бил намален бројот на насилства и криминалитет а не бил регистриран значаен број на напуштања на работата; напротив голем број корисници на УБИ се заинтересирале за отворање свои бизниси а во Јапонија, дури 70% од нив признале дека се чувствуваат посреќни.

Малку ли е?

31 март 2021 - 10:32