Лошата подготовка на властите во Лос Анџелес и очајниот одговор на шумските пожари кои сега го уништуваат градот, доловуваат поширок проблем - неуспехот на управувањето низ регионите во Америка контролирани од демократите. Овој модел на неспособност го забрзуваат префрлањето на американската економска и политичка моќ во региони надвор од долго доминантниот североисток и западниот брег.
Во држави како Калифорнија, квази либералните политичари не даваат приоритет на работи како што се јавната безбедност и клучната инфраструктура, вклучувајќи патишта, пристаништа и што беше најважно во ситуацијата, системите за вода. Денешните „прогресивци“ генерално се оддалечуваат од работи како градење брани или одржување на притисокот на водата, тие многу повеќе се фокусирани на климатски промени и „социјална правда“.
Пожарите се редовна карактеристика на јужна Калифорнија најмалку 20 милиони години. Со оглед на неодамнешните екстремно суви временски услови, ЛА требаше да биде подготвен за пожар. Не беше. Хронично недоволно се инвестираше во критичната инфраструктура.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, лани го намали финансирањето за гаснење шумски пожари за над 100 милиони долари, додека бараше субвенции за електрични автомобили. Во исто време, патиштата во Калифорнија се меѓу најлошите во САД, а планираната брза железничка пруга продолжува да голта десетици милијарди долари.
Пожарите во Лос Анџелес ќе ја забрзаат промената во американската политика, демографија и економија подалеку од старите центри на богатство - Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Њујорк, Бостон, Чикаго кон нова констелација на држави кои заостануваа а сега се база на Трампизмот. Сегашното одење на „поклонение“ во Мар-а-Лаго на Флорида ја симболизира оваа промена во регионалната моќ. Тоа е сега центарот на политичката моќ во САД.
Во текот на изминатите четири децении, приходот и растот на работните места во јужните гиганти, Тексас и Флорида, беа 50 отсто повисоки отколку во Њујорк или Калифорнија. Во изминатата деценија, шесте најбрзо растечки јужни држави - Флорида, Тексас, Џорџија, Каролина и Тенеси - додаваа повеќе во националниот БДП отколку североистокот. Далас сега е дом на 24 седишта на компании од листата на Fortune 500, само зад Њујорк и Чикаго. Пред 40 години, Далас немаше ни пет.
Најалармантна за Калифорнија е промената во технолошката индустрија. Тексас и Флорида станаа хотспотови, некои од новите теч клинци ги преселија своите седишта од Силициумската долина во Тексас (HP Enterprises, Tesla, Space X...).
Старите центри на моќ стојат катастрофално во полгед на демографијата. Од 2000 година, Калифорнија, Њу Џерси, Илиноис и Њујорк изгубиле над 10 милиони дојденци од другите делови на САД, додека Флорида добила речиси 3,5 милиони. Севкупно, јужните држави учествуваа со 87 отсто од вкупниот раст на населението во САД. Практично сите 25 најбрзо растечки градови се во Аризона, Тексас, Каролина и Флорида.
Застарено е старото уверување дека конзервативните држави се расистички. Институтот Брукингс забележува дека неодамнешните струи на имигранти од странство избираат да одат првенствено во Тексас и други слични места. Афроамериканците се враќаат на југ, регион од кој некогаш масовно бегаа. Денес тој е меѓу најмалку сегрегираните делови на Америка.
Понепосредна загриженост може да биде движењето на богатите, вклучително и пензионери, кои вбризгуваат милијарди во економиите на државите како Флорида, Тексас, Тенеси и Каролина. Минатата година овие внатрешни мигранти однеле речиси 24 милијарди долари од Калифорнија, 14 милијарди долари од Њујорк и 10 милијарди долари од Илиноис.
Ужасната реакција на пожарите во Лос Анџелес, немирите за Блек Лајвс Метер, целиот „воукизам“ и фетишот на диверзитетот наспроти досадната меритократија не се добри реклами за Калифорнија. Наместо да сметаат дека импулсивниот Трамп некаде ќе зезне работа што ќе ги врати на валст, демократите треба одново да учат како се владее ефикасно.
Ако ништо друго, пожарите во ЛА им покажаа дека неспособноста на властите влијаат и на нивната „прогресивна“ богата база, а не само на сиромашните луѓе, рударите и камионџиите.