Кондомите и средствата за контрацепција ќе бидат опфатени со новиот данок на додадена вредност од 13%, кој ќе важи од 1 јануари идната година. Државните медиуми не посветија големо внимание на промената, но на социјалните медиуми стана главна тема за потсмев.
Треба да си луд за да не знаеш дека одгледувањето дете е многу поскапо од кондомите со ДДВ, коментираат Кинезите.
Во посериозните коментари се укажува на реален ризик дека поскапите контрацептивни средства може да придонесат за ширење на болестите што се пренесуваат при сексуални односи, како и за непланирани бремености и абортуси.
Кина има еден од најголемите бројки на абортуси во светот, со 9 до 10 милиони годишно во периодот 2014-2021 година, според Националната здравствена комисија. Експертите велат дека реалниот број веројатно е поголем, бидејќи не се регистрираат третманите во тајни клиники. Кина престана да ги објавува своите податоци за абортуси во 2022 година.
Во пораст се и сексуално преносливите инфекции. Во 2024 година имало повеќе од 100.000 пациенти со гонореја и 670.000 со сифилис. Бројот на луѓе што живеат со сида и ХИВ лани достигнал 1,4 милиони.
Нема официјални податоци за потрошувачката на кондоми во Кина, но во 2020 година биле купени повеќе од 5,4 милијарди. Истражувања покажуваат дека во Кина одговорноста за контрацепцијата главно е на жените. Кондоми користат само 9% од двојките, а 44,2% користат спирали. Во 30,5% од случаите се стерилизираат жените, а во 4,7% мажите, според истражување на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс во 2022 година. Останатите користат апчиња или други методи.
Демографскиот пад е многу сериозен за Кина. Политиката Едно дете од 1980 до 2015 година охрабруваше контрацепција и имаше сурови казни за абортуси. Како што населението го достигна својот врв и почна да опаѓа, владата во 2015 година им дозволи на семејствата да имаат и две деца, а во 2021 година и по три. Сега настојува да ги охрабри да имаат уште повеќе, но младите Кинези се воздржуваат, поради високите трошоци за одгледувањето деца.
Лани во Кина биле родени само 9,5 милиони бебиња, за една третина помалку отколку во 2019 година. Вкупното население се намалува две години по ред и од лани Индија е најнаселената земја во светот.