Што ти прават 14 години во политика. Во 2006-та врвот на Казахстан ама ич не беше среќен како Борат во првиот филм ја портретираше нивната земја па фатија да се бунат, негодуваат, кенкаат. Таквите реакции имаа само контра-ефект и само дополнително ја брукаа земјата, особено кога беа бизарни, на пример кога владиниот портпарол официјално демантираше дека во Казахстан се пие ферментирана урина од коњ.
Работите почнуваат да се менуваат кога властите во Казахстан сфаќаат дека и така опишан Казахстан како кај Борат всушност го зголемил туризмот во земјата. Затоа денес, наместо деманти, решија со политичко аикидо да ја искористат силата на „противникот“ во своја полза.
Тамошното министерство за туризам деновиве започна нова кампања чиј слоган е често употребуваната фраза на Борат: Very Nice! Имаат спот за промоција на најрепрезентативните локации кои странец треба да ги посети во Казахстан и сето тоа оди под чадорот на изреката на Борат.
Заменик шефот на казахстанскиот туризам, Каират Садвакасов, вели дека убавината на фразата е во тоа што „перфектно го опишува туристичкиот потенцијал на Казахстан на краток и ефектен начин кој лесно се памти.“
„Природата на Казахстан е „very nice“, храната е „very nice“, а луѓето, и покрај шегите на Борат на нивна сметка, се едни од најфините луѓе на светот. Сакаме секој да дојде и да го искуси Казахстан за лично да сфати дека е тоа многу пофина земја отколку што можеби некогаш мислел“, вели Садвакасов.
Very nice.