Кариби може да го откачат кралот Чарлс Трети

Лидерот на Антиква и Барбуда сака новиот британски крал да знае дека не е ништо лично, ама дека на неговите луѓе можеби им е доста од монархија. Ако победи, премиерот Гастон Браун планира да распише референдум на таа тема. 

Поранешната британска колонија Антигва и Барбуда се здоби со независност во 1981 година но сè уште го признава британскиот монарх како глава на државата, како што е случај со Канада и Австралија.

„Во нашата идеја нема никакво непочитување кон монархот. Нема непријателство или разидување меѓу нас и монархијата. Тоа го гледаме како комплетирање на кругот на независност и станување вистински суверена нација“, порача премиерот.

Тој догодина ќе се појави на реизбор, ако победи, најави дека во рок од три години ќе распише референдум дали луѓето повеќе сакаат да живеат во републиканско уредување.

Вкупно 14 независни држави сè уште ја признаваат јурисдикцијата на британската монархија, но и други размислуваат на сличен потег. Барбадос со монархијата раскина лани и на таа церемонија присуствуваше сегашниот крал, принцот Чарлс.

А се знае и кој нема да раскине во скора иднина. Австралија, чиј тазе премиер Ентони Албаниз порача дека додека тој има мандат, државата нема да распишува таков референдум.

Антигва и Барбуда се два поголеми острова, оддалечени 40 килметри еден од друг. Антигва е откриен од Кристофер Колумбо во 1493 година и го добива името Островот на Богородица од Антигва. Имаат околу 90.000 жители и живеат главно од туризам.

12 септември 2022 - 18:14