Како топлиот дом ќе стане луксуз

Политичарите обожаваат да позираат како спасители на планетата и прилично добро им оди таа поза, од проста причина што нивните благородни идеи ги плаќа некој друг. Во Лондон имаат две решенија за еден проблем со парното. Поевтин и поскап. Политичарите решаваат дека поскапиот е најевтин.

Пимлико е мирен дел од центарот на Лондон кој последниве недели беше претворен во линија на фронтот на климатските војни, благодарение на ревносното следење на политиката „нет нула“ која треба да ја платат неговите жители.

Повеќе од 3.000 домови, училишта и една библиотека моментално се загреваат со три огромни, но дотраени гасни котли и систем на застарени цевки склони кон пукање и протекување.

Едно решение за овој проблем би било секој дом да се снабди со електричен котел по цена од 1.500 фунти до 5.000 фунти, решение за кое нема потреба од нови цевки.

Но, Градскиот совет на Вестминстер има други, далеку поскапи идеи. Луѓето да се префрлат на топлинска мрежа со нови цевки со низок јаглероден отпечаток, за да се оствари сонот Вестминстер да стане Net Zero до 2040 година. Само што, за ова решение секое домаќинство ќе треба да плати помеѓу 40.000 и 66.000 фунти.

Надлежните тврдат дека топлинските мрежи се „најисплатливиот начин за да се декарбонизираат нашите густо населени градови“. Но, „исплатливо“ за кого? Секако не за оние кои живеат таму.

„Тешко е да се најде појасен пример за подготвеноста на локалните совети да ги осиромашат жителите во името на Net Zero“, пишува Џејмс Вујдхусен.

21 ноември 2024 - 12:46