"Да го наречете него мастермајнд e како да тврдите дека мајор смислил стратегија за некоја историска битка" вели поранешен американски разузнавач со што се согласуваат и други упатени извори по кои убиениот Абдалхамид Абауд не е мозок туку само оперативец кој ги организирал акциите.
Па сепак, јавноста сега има впечаток дека во парискиот кварт Сен Дени бил убиен некаков колос со вонсериски мозок, налик на професор Мориарти или пак Ханибал Лектор.
А впечатокот се должи првенствено на медиумите кои имаат потреба од сензационални епитети. Минатата недела во Бејрут двајца бомбаши самоубијци однесоа 43 жртви и имаа подобар размер "број на жртви пер терорист" отколку 8-темина париски убијци. Па никој нив не ги нарече мастермајнди. Затоа што во нашите глави, дигањето во воздух луѓе во Бејрут е дел од тамошното секојдневие. Ама да го сториш тоа во Париз, е, за тоа мора да постои "мозок".
А со тој епитет убиениот Абауд го почестија главните медиумски креатори на јавното мислење, New York Times, Los Angeles Times, Associated Press, CBS News, Fox News, Time, NPR, Guardian, NBC News, Independent....
Политико малку брутално го сведува крвавиот есап во Париз па вели дека во таа егзекуција немаше никакво мајсторство а дека по перформансите може да се смета за неуспех. Во непосредна близина на 80.000 спортски фанови, тројца терористи се дигнаа во воздух и притоа убија - еден човек. Во просек, ангажираните убија помалку од некој од оние самостојни морони кои пукаат по американските универзитети, а нив никој не ги нарекува мозоци на операцијата.
Со таквото митологизирање на убијците, дури и кога е тоа во негативна конотација, западното јавно мислење си прави лоша услуга бидејќи преценувањето всушност ја засилува нивната репутација и регрутна моќ. Од друга страна, со преценувањето на противникот, на сопствените влади им се дава отворен простор за заиграат пожестоко, не водејќи баш педантна сметка за ограничувањата во кои треба да работат. А тоа повторно може да падне на грб на обичните луѓе и на севкупниот демократски и слободарски амбиент во кој се живее.
Абделхамид Абауд имаше сè што треба да биде лошиот "дечко за постер": растел во предградие на Брисел, малку студирал на престижен Универзитет, млад е, фотогеничен (ги има сите заби), медиумите едногласно го нарекоа мастермајнд. А сега е и убиен, можеме да здивнеме. Со тоа се комплетира приказната за него и комфорот кој сме го заслужиле.
Но.
Оние експлозивни појаси со кои терористите во Париз се дигаа во воздух, не се баш лесни за правење. Речиси е невозможно да биле пренесени од Сирија или од каде и да е. Значи, во овој момент, во некое скриено дуќанче во Париз, некој работи. И најверојатно во моментов е доста зафатен.