Неполн месец по промоцијата на бин Салман, станува јасно дека тој веќе некое време работи на смената на својот претходник и дека рокадата е изведена далеку попроблематично отколку што тоа изгледаше во деновите по 21 јуни.
За да се засили поддршката за изненадната промена, дел од повозрасните принцови се информирани дека бин Најеф не е способен да биде крал затоа што има проблем со зависност од лекови.
Смената посебно ги потресува анти-терористичките органи во САД, на кои бин Најеф им е еден од најдоверливите и најдобри соработници во борбата против тероризмот.
На домашен терен, не е толку проблемот смената колку што е назначувањето на принцот бин Салман, кој сега има преголема моќ во свои раце, што е "некарактеристично за кралско семејство кое долго време се раководи од консензус и потпирање на постарите." Салман во исто време и е помлад од голем број негови роднини и синови на поранешни кралеви на земјата.
Иако саудиските функционери за Њујорк тајмс негираат дека бин Најеф својата оставка ја дал под притисок, весникот пренесува друга верзија на настаните составена од повеќе извори од западните дипломатски претставништва во земјата.
Според нејзе, ривалството на двајцата принцови започнува во 2015, кога кралот Салман по своето доаѓање на престолот му дава огромни моќи на својот омилен син Мухамед бин Салман.
(За појаснување на семејно наследничките врски: кралот Салман ја добива титулата наследник на престолот во 2012, кога умира дотогашниот принц-наследник Најеф бин Абдул Азис ал Сауд, таткото на неодамна сменетиот Мухамед бин Најеф.)
Со тогашната одлука на новиот крал, принцот Мухамед бин Салман станува заменик наследник-принц (втор по бин Најеф), министер за одбрана, раководител на моќниот економски совет, и одговорен за надзор на државниот нафтен монопол, Сауди Арамко.
Бин Салман работи на својот профил и репутација преку државни посети на Кина, Русија и САД. Во САД има состанок и со Марк Зукерберг, а вечера и со Трамп во Белата куќа. Тој е промотор и на амбициозниот план Визија 2030, за иднината на саудиската економија. Критиката за него е дека премногу алчен за моќ, и дека тој е одговорен за вплеткување на земјата во војната во Јемен, и за кавгата со Катар.
Подемот на бин Салман е на сметка на принцот-наследник, 57-годишниот бин Најеф, кој откако е именуван за министер за внатрешни работи, успева да ја уништи ал Каеда во земјата, и станува еден од највредните сојузници на САД и останатите арапски и западни нации.
"Иако неговата смена изгледа дека е нагла, таа е целосно испланирана.
Вечерта на 20-ти јуни, група постари принцови и безбедносни функционери се собираат во Сафа палатата во Мека, откако се информирани дека Кралот Салман сака да ги види.
Ова е кон крајот на Рамазан, кога Саудијците се преокупирани со религиозни должности, а многумина од кралското семејство се собрани во Мека пред да отпатуваат во странство за празникот. Ова го прави тајмингот погоден за промена, според аналитичарите, како пуч пред Божиќ.
Пред полноќ бин Најеф е информиран дека треба да се сретне со кралот и е одведен во друга просторија каде официјални претставници на саудискиот двор му ги одземаат мобилните телефони и вршат притисок врз него да се откаже од позицијата на принц-наследник и министер за внатрешни работи.
Во прво време тој одбива. Меѓутоа како што тече ноќта, принцот, инаку дијабетичар кој страда од болеста уште од 2009 по обидот за атентат врз него од бомбаш самоубиец, почнува да се заморува.
Во меѓувреме, луѓето од саудискиот двор ги свикуваат членовите на Советот за верност, тело составено од принцови кои треба да ги одобрат промените во линијата на наследување. На некои од нив им е кажано дека бин Најеф има проблем со зависност од лекови, и дека е неспособен да биде крал...
...Според еден американски функционер и еден советник на саудиското кралско семејство бин Најеф наводно бил против воведувањето ембарго на Катар, позиција што најверојатно ја забрзува неговата смена.
Некаде пред зората Мохамед бин Најеф се сложува да поднесе оставка...
... Бин Најеф потоа го враќаат во неговата палата во пристанишниот град на Црвеното море, Џеда, од каде му е забрането да излезе.
Исто така во домашен притвор е и генералот Абдулазиз ал-Хуваирини, колега на бин Најеф кој е клучниот човек во безбедносната врска на земјата со САД.
Кога американските власти ја искажуваат својата загриженост околу менувањето на бин Најеф и потенцијално генералот ал-Хуваирини, од саудиска страна им порачуваат дека генералот се уште ја има својата позиција и дека му заколнал на верност на новиот принц-наследник," ги пренесува Њујорк тајмс информациите добиени од американските разузнавачки и безбедносни функционери.
На позицијата министер за внатрешни работи доаѓа принцот Абдулазиз бин Сауд бин Најеф, 33-годишниот внук и дотогашен советник на бин Најеф, инаку близок човек на бин Салман.
Иако не се знае колкава е поддршката за новиот принц-наследник, според саудиските медиуми Мухамед бин Салман ги добил гласовите на 31 од 34 членови на Советот за верност.