Како помалку да се грижите за пари

Пред да почне да објаснува, авторот Џон Армстронг нагласува дека постои круцијална разлика меѓу грижи за пари и проблеми со пари - проблемите се итни и бараат директна акција... за споредба, грижите многу повеќе зборуваат за човекот кој е загрижен отколку за светот. Он зборува за второто.

"Решавањето на грижите околу пари треба да е сосема различно од справувањето со проблемите со пари. За да се справиме со нашите грижи треба да посветиме внимание на начинот на размислување (идеологијата) и на шемата на нашите вредности (културата) и како тие се развиваат во нашата индивидуална егзистенција."

Аналогијата околу разликата меѓу двете категории, тој ја вади од филозофијата на предавањето, која разликува тренинг и едукација.

"Тренингот те учи како една работа да ја извршиш поефикасно и со поголема успешност. Едукацијата, од друга страна, го отвора и го збогатува човековиот ум. Да се тренира човек не ти треба да знаеш било што за тоа кој е тој навистина. Едукацијата сака да ја опфати целата личност. Историски, ние парите сме ги третирале како предмет на тренинг, наместо како едукација."

Она што ги потхранува нашите грижи околу парите се четири прашања кои многу помалку имаат врска со нашата финансиска состојба, отколку со психоемоционалните и социјалните фактори:

- зошто парите ни се важни
- колку пари ни требаат за да се постигне она што ни е важно нам
- кој е најдобар начин да се стекнат пари
- која е нашата економска одговорност кон други во текот на стекнувањето и користењето на овие пари

Според Армстронг, инаку филозоф од Melbourne Business School, ние никогаш нема да ги надминеме грижите околу пари, доколку прво не ги препознаеме овие прашања.

Во книгата тој ги дискутира и истражувањата кои покажуваат дека повеќе пари, по одредена граница, не значат и повеќе среќа. Иако парите можат да обезбедат работи како моќ, влијание и пристап до ресурси, тие не мора да бидат скратен пат до среќата. Според него парите неодвоиво се поврзани со напредокот, овозможувајќи ви да ги остварувате работите кои вам ви се важни, а притоа да придонесувате во животите на другите. Вашиот потенцијал за напредок секогаш расте паралелно со зголемувањето на сумата пари.

Сепак, клучната поента на Армстронг, е дека иако корелацијата меѓу нив е директно пропорционална, парите не се причината за напредокот, туку тие се една од состојките во него, еден од ресурсите кои ни помагаат да го изградиме животот што го сакаме.

"Парите ни носат добри последици - ни помагаат да живееме живот кој вреди - само кога се придружени со доблест. Доблест се добрите вештини на умот и карактерот."

Уште една клучна вештина во решавање на грижите околу парите е – способноста да се разликува меѓу она што се сака и она што е потребно. Ова е добра одбрана од едноставни желби, како посакување на некој нов уред, и покрај неговата ниска вредност за вас, или сакање нов велосипед, иако стариот се уште ви е исправен.

"Ако сакаме да бидеме мудри околу парите, треба да се спротивставиме на импулсот да купиме она што го сакаме и наместо тоа да се сконцентрираме на она што ни треба.

Потребата е подлабока и е врзана со сериозна приказна од нечиј живот. 'Дали ми треба ова?' е начин на кој прашуваш: колку е важна оваа работа, колку е таа клучна за тоа да станам добра верзија од себе си; за што служи ова во мојот живот? Ова испрашување е направено за да се разликува она што е потребно од она што само го сакаме. И тоа е добра одлука да се донесе."

14 мај 2013 - 17:20