
Во грабеж кој трае само 60 секунди, четворица мажи, од кои тројца облечени како жени, влегуваат во Хери Винстон, една од најелитните париски златарници. Четворицата имаат рачна бомба, магнум 357, на памет ги знаат имињата на сите 15 вработени и точно знаат каде се наоѓаат највредните парчиња накит. Излегуваат со плен вреден 80 милиони евра. Кај вработените нема сомнеж дека крадците зборуваат "француски со јак српско-хрватски акцент," што надополнето со начинот на кој е изведен грабежот (мажи маскирани во жени) беше доволно за полицијата и јавноста да се увери дека станува збор за Пинк Пантери.
Овој грабеж се случува на 4 декември 2008, а Пинк Пантерите се веќе позната група за кој се знае дека е составена од луѓе од екс-ју просторите, претежно од Србија, кои делуваат во групи неповрзани една со друга, во најдобрите денови брои околу 200 членови и работат веќе 10 - 15 години.
Името го добиваат во 2004 од Скотланд Јард, откако кај еден од уапсените членови најден е накит вреден 600.000 евра, скриен во крема за лице, што е идентично со една сцена од филмот за инспектор Клузо. Она околу што се согласуваат светските полиции е дека Пинк Пантерите се исклучително интелигентни, а "силата им е последна мерка."
Првата кражба на југословенската дијаспора е во Јапонија кога крадат дијамантски ѓердан со 116 помали и еден голем дијамант во вредност од 25 милиони евра. Во Дубаи во 2007-ма го имаат еден од најфилмските грабежи кога во ексклузивен трговски влегуваат со две аудија и во рок од 90 секунди си заминуваат со околу 10 милиони евра плен.
Карактеристично е и тоа што секој пат кога ќе биде уапсена група крадци на скапоцени камења со српско или екс-ју потекло, а нивните адвокати како по правило истакнуваат дека не постојат Пинк Пантери и дека тоа е само "драматизирање на органите на редот."
Меѓу работите кои сѐ уште се непотврдени околу Пинк Пантерите е и грабежот во Антверпен на Свети Валентин 2003, кога е украден накит во вредност од 100 милиони евра.