Венецуелскиот мигрант Хектор Кордеро набавува новчаници од Венецуела ( му ги носи брат му) и со нив прави паричници, педеруши и чанти кои потоа им ги продава на туристите во Колумбија, каде што се наоѓа по напуштањето на својата рoдна земја.
Му требаат околу 70 банкноти од по 100 боливари за да направи мало чантиче за ситни пари, околу 100 банкноти за поголем паричник а за чанта му одат и по 1.200 новчаници. За да биде шаренко, користи околу 15 различни денонимации кои главно се надвор од оптек поради девалвацијата.
Своите ракотворби ги продава за по десетина долари, главно на европски и американски туристи на кои им е штосно да си одат дома со спомен од некогаш силната венецуелска економија.
Кордеро не е најсреќен што е во Колумбија и едвај чека дома да се средат проблемите за да се врати.
„Владата дозволи сè да биде уништено. Сакам да се вратам. Никаде не е како во својата земја и не сум баш најсреќен што сум во друга,“ вели тој.
Според ММФ, инфлацијата во Венецуела изнесува 200.000 проценти а економијата е девастирана. Ретко кој користи домашна валута па сите трансакции се одвиваат во долари, евра, крипто-валути или стокова размена.