Како Америка се уплаши од образуван пролетаријат

Американци должат планини пари заради студентските кредити кои ги земале на времето. Потеклото на овој долг нè враќа во времето на Роналд Реган и еден негов советник кој процени: „Бесплатното школство ќе ни создаде опасен образуван пролетаријат“.

Бајден најави дека се планира на луѓето оптоварени со студентски кредити кои денес заработуваат под 120.000 долари годишно, да им бидат простени 10.000 долари од долгот.

Тоа е капка во морето бидејќи на име студентски кредити, Американците денес се во долгови тешки преку 1,6 ТРИЛИОНИ долари.

Во 1970 година, Роналд Реган се кандидира за реизбор за гувернер на Калифорнија. Четири години претходно тој победува, меѓу другото, со жестока критика кон јавното високо образование. Во мај 1970 година, Реган ги затвора сите 28 кампуси во двата државни универзитети, среде студентските протести против војната во Виетнам и американското бомбардирање на Камбоџа.

На 29 октомври, помалку од една недела пред изборите, неговиот советник за образование Роџер А. Фримен излегува на прес-конференција да го брани.

„Се наоѓаме во опасност да произведеме образуван пролетаријат! Тоа е динамит! Мора да бидеме селективни кому може да се дозволи да оди на колеџ. Во спротивно, ќе имаме огромен број високообразувани а невработени луѓе“, изјавува Фримен со тврдење дека таквата ситуација тој ја има веќе видено во Германија, и тоа како катализатор на фашизмот.

Фримен е роден во Виена во 1904 година а по подемот на Хитлер доаѓа во САД. Има службувано кај Ајзенхауер и Никсон а држи висока позиција и во конзервативниот институт Хувер.

Првиот мандат на Реган минува во негова жестока битка со државните универзитети на Калифорнија, особено со Беркли, кој во денешно време, во еден бизарен пресврт на културната матрица, завршува како мека на „разбудениот расизам“ (види: Расна сегрегација во име на разбуденоста)

Сето тоа време Реган инсистира на кратење на државната помош за јавните колеџи, криејќи ја вистинската идеолошка причина за тоа, образложувајќи ги предлозите со потребата да се штеди. За да се пополни дупката во финансирањето, тој првпат им предлага на колеџите да им наплаќаат на студентите.

На идејата се надоврзуваат серија конзервативни политички личности и аналитичари, образложувајќи дека „бесплатното школство води кон опасна класна ситуација,“ дека со тоа „им се подгреваат надежите на студентите од работнички семејства“ а сè почесто се наведува дека „студентите се паразити кои се хранат од остатокот на општеството.“ Во таква атмосфера, решението само се наметнува: да се укине паразитската опција.

Тоа е пресвртната точка во американското високо образование. Исчезнува поддршката за идејата околу која со децении се согласуваа двете американски политички партии, дека државата мора да им помага на своите млади луѓе да се образуваат бесплатно, или барем евтино.

Во 1968 година, за Беркли се плаќало 300 долари годишно (во денешна вредност околу 2.000 долари). Денес студирање на истиот Беркли чини вкупно 40.000 долари за една година.

„Идејата на Бајден е обичен фластер за една длабока, 50 годишна рана,“ пишува Џон Шварц во Интерсепт.

 

 

30 август 2022 - 10:59