Овие недели авиопревозниците горат милиони долари и милиони литри гориво летајќи празни и полупразни авиони-духови за да не ги прекршат европските правила и да ги изгубат добиените слотови што ќе им се случи ако ги остават авионите приземјени.
Според европските правила, авио-компаниите мораат да реализират минимум 80 % од доделените термини, во спротивно ризикуваат тие да им бидат доделени на нивните конкуренти. Поради ова, принудени се да летаат и празни авиони што повлекува огромни загуби.
Британскиот секретар за транспорт деновиве побара од регулаторите да го укинат правилото додека трае епидемијата на коронавирусот. Тоа досега е сторено само за летовите од и во Хонг Конг и Кина.
„Во моментов правилото 80/20 не е во интерес ниту на патниците, ниту на околината ниту на авиоиндустријата и неприфатливо е да се инсистира на него во вакви услови,“ оценува секретарот Грант Шепс.
Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај процени дека епидемијата би можела да предизвика загуби од 113 милијарди долари на име на помал број продадени билети.