Обложување и предвидување за Нобеловите има секоја година, а медиумите составуваат и списоци со имиња и аргументи, за ако некој од нивните фаворити навистина ќе ја добие да можат да речат „ви рековме!". Ројтерс на пример ја составува врз основа на бројот на цитати на нечија научна статија. Но има и други кои се иронични во врска со какво и да е предвидување - така во 2012 д-р Франц Месерли објави корелација помеѓу потрошувачката на чоколадо во одредена земја и веројатноста дека од неа ќе произлезат Нобеловци.
Еден од оние кои секоја година на неговиот блог објавува список не на добитници, туку на откритија или пронајдоци кои ќе добијат награда во неговата област, хемијата, е проф. Пол Брејшер од Универзитетот во Сент Луис. Тој е прилично дециден дека предвидувањата се однесуваат не на она кој ТРЕБА, туку на она кој ЌЕ ја добие наградата. Сепак, и тој нема некое нобелово трето око со кое успева да ја прорекне иднината, туку едноставно ги следи новите инструменти или техники на кои се работи во науката, а кои им овозможуваат на научниците да истражуваат во области за кои повеќето луѓе не знаат ни дека постојат.
Она што тој го забележува како тренд е дека млади луѓе не ја добиваат наградата, а тоа веројатно се должи на фактот што Нобеловата не се доделува постхумно. Така, соочени со изборот помеѓу 38-годишен и 83-годишен научник, Комитетот природно чувствува притисок да му го додели признанието на постариот, пред да биде доцна. Но ова не е единствената причина зошто старци добиваат Нобелова - другата е што треба многу време да се види дали одредено откритие навистина „држи вода" и врши долгорочно влијание пред да му се признае дека е за Нобел.
Но оваа година откритија кои го исполнуваат овој услов не поминаа - Нобелот за физика на пример не отиде како што се очекуваше кај Џон Гудинаф (да, навистина така се презива) кој ја има откриено литиумската батерија, со која работи секој мобилен телефон. Тој има 93 години, и од страна на многумина се сметаше за сигурен добитник. Можеби и тој ќе ја доживее судбината на голем број други неправедно „прескокнати" од Комитетот, како на пример Карл Џераси, кој во текот на неговиот живот бил познат како „Татко на контрацептивната пилула". Тој живеел до 91 година, а умрел во 2015, па сепак сепак тоа не било доволно време да ја добие Нобеловата. Некои сметаат дека тоа е заради неетичноста на раните тестирања на ефектите на овој вид контрацепција, но ова се само претпоставки.
Уште едно правило кое предизвикува контроверзи е она дека секоја награда може да биде поделена на најмногу тројца добитници. Иако ова во смисла на пари е практично, излегува дека ако одредено откритие има повеќе од тројца автори, некој мора да биде неправедно изземен од парите и од честа.
Сепак изгледа дека постои една работа која ја зголемува веројатноста за добивање Нобел - колку повеќе кревање прашина во јавноста, толку подобро. Популарното внимание може да поттикне внимание и од страна на научната заедница, па научниците кои се свесни за ова добро си го „рекламираат" откритието за да не останат незабележани.
Под оригиналниот напис во Гизмодо, читател оставил свое правило за добивање Нобел. Правилото гласи "Do Nothing" и е поткрепено со следнава фотографија: