Во пресерет на постепеното нормализирање на животот и олеснувањето на рестриктивните мерки, надлежната организација за меѓународен авиопревоз издаде детални упатства и насоки за владите со цел аеродромите и авионите да имаат унифицирани мерки за работа во ера на пандемијата.
Од стигнувањето на аеродромот, минувањето на процедурите, летањето и излегувањето на следната дестинација се предвидени еден куп нови правила поради кои летањето во иднина нема да биде ама баш ич забавно.
Авиопревозниците треба да охрабруваат летање без многу багаж, по можност тоа да биде само торбичка која ја собира под седиштето.
Се укинуваат пијалоци и храна, освен на долги дестинации.
Се укинува шопингот во авион.
Се отстрануваат весниците и магазините.
Се бара да се обесхрабруваат долги конверзации меѓу патниците.
Предвидени се рестрикции за тоалет (кои, искрено, не ги разбираме до крај). Ако можело, едно веце да било само за екипажот а патниците да користеле тоалет според бројот на седиштето (?).
Се препорачува воведување на бесконтактни технологии во сите етапи на аеродромските процедури.
Да се седи со маска.
ИЦАО не се охрабрија да ја наложат стандардната дистанца од 1,5-2 метра во авионите но велат дека патниците треба да седат на одвоени секогаш кога е тоа можно (а капиталот ќе каже дека е неможно).
Авиопревозот е една од најпогодените гранки од глобалниот катанец заради пандемијата. Се проценува дека загубите на идустријата во 2020 година ќе изнесуваат преку 400 милијарди долари.