И невините ги затвораат

Во 2013-та американските власти ослободија рекорден број на луѓе кои биле осудени по грешка, од нив добар дел осудени и за кривични дела кои никогаш не се случиле.

Минатата година вкупно 87 луѓе се пуштени од затворите во САД заради тоа што навистина не биле виновни. Меѓу нив има и 22 мажи и 5 жени, кои по дополнително истражување на нивните случаи било откриено не само дека се невини, туку и дека никогаш не бил направен прекршокот за кој се осудени.

Една од нив е Никол Харис која одлежала 8 години затвор (од вкупно 30 години) за убиство на својот 4-годишен син, за кој подоцна излегло дека самиот се задавил со ластик од постелнината на неговиот кревет.

Харис при крајот на 27-часовното испитување од полицијата - за време на кое на неа и се заканувале, била туркана, ја нарекувале со различни имиња и не и била давана вода и храна - признала дека убила својот син давејќи го со телефонски кабел. Истрагата на судска медицина покажала дека во убиството воопшто не бил искористен телефонски кабел, а 5-годишниот брат на починатото детенце на полицијата и кажал дека во неколку претходни прилики го видел својот брат како си игра со ластикот од постелнината.

Во друг сличен предмет, смрт од случаен пожар била проценета како подметнување пожар и убиство. Исто така имало и неколку случаи на непостоечки сексуални напади или злоупотреба на деца.

Со годинешниот список, вкупниот број на лица кои во изминативе 25 години се ослободени затоа што воопшто не биле виновни за криминалот за кој се осудени изнесува 1.300.

4 февруари 2014 - 21:23