Алчноста е добра, рече онојпат Гордон Греко, алијас Мајкл Даглас во филнот на Оливер Стон, Вол Стрит. Оттогаш не престанаа расправите дали со тоа корпоративно гесло Греко го обзнани конечниот крај на сите морални вредности на капиталистичкото општество, или пак извади формула за просперитет на човечкиот род.
Актуелната пандемија ни дава одговор во реално време: алчноста буквално го убива човечкиот род.
Поконкретно: заради алчноста на фармацевтските фирми кои не сакаат да се одречат од патентите за вакцина, се оневозможува вакцинацијата на Третиот свет заради што многу припадници на човечкиот вид ќе умрат - оние од сиромашните земји директно заради недостаток на вакцини а жителите на богатите земји затоа што заради недоволната глобална вакцинираност, пандемијата ќе има продолжено траење а вирусот ќе кружи по светов со сè понови мутации, пишува Дамир Пилиќ во Слободна Далмација.
Ситуацијата ја отежнува себичноста на богатите земји и нивниот вакцински национализам; на пример, иако има доволно вакцини за своите граѓани, САД своите залихи од АстраЗенека одбива да ги подели дури и со сојузниците од ЕУ.
Од речиси половина милијарди дози вакцини кои досега се искористени, 90% ги примија жители на држави со високи и средни примања а преку 70% од нив живеат во 10-те глобално најбогати земји. Од друга страна, анализи покажуваат дека жителите на сиромашните држави, со вакво темпо на производство. доволно вакцини ќе имаат дури во 2024 година.
Иако вакцините беа толку брзо произведени исклучиво благодарејќи на милијардите евра/долари кои за таа цел фармацевтските фирми ги добија од даночните обврзници, идејата дека вакцината е општо добро, односно дека технологијата за производство треба да ѝ биде достапна на секоја земја како би можеле сами да произведат дози потребни за сопствената популација, се насука на гребенот на капиталистичката алчност, пишува Пилиќ.
Теоремата на Греко:
Иницијативата на многу држави, институции и поединци вакцините да станат достапни преку споделување на технологијата и привремена суспензија на класичните права на индустриска и интелектуална сопственост наиде на жесток отпор на моќните и богатите (види: Фармацевтско лоби во офанзива против евтини вакцини)
За таков став фармацевтите имаат милиони и милијарди причини. Според анализа на Волстрит Журнал, менаџерите и директорите на 13 големи фармации лани продале акции вредни 500 милиони долари - само една година порано продале акции во вредност од 132 милиона, така што благодарејќи на пандемијата, лани заработиле 4 пати повеќе од преклани.
За овие милијарди да бидат реализирани, поприфатливо е сиромаштијата од Третиот свет д умре отколку да добие доволно вакцини по евтини цени.
Теоремата на Борис Џонсон
Горенаведениот Греко непрестано се инкарнира во разни фигури на капиталистички моќници. Неодамна неговиот дух влезе во британскиот премиер Борис Џонсон кој на партиски состанок на Ториевците порачал дека за успехот на акцијата за вакцинација заслужни се „капитализмот и алчноста.“
„Причината заради која имаме успешна вакцина е капитализмот, причината е алчноста, пријатели мои“, го цитирал Ројтерс британскиот премиер.
Освен што е дегутантно, ваквото тврдење е и прилично неточно бидејќи имплицира дека само капиталистички систем може да создаде вакцина а тоа не одговара на вистината: комунистичка Кина има две вакцини, комунистичка Куба развива четири од кои една е во финално тестирање.
Значи, од последните 4 комунистички земји на светот, две успеале да развијат сопствена вакцина а од 200 капиталистички држави, оние со своја вакцина можат да се избројат на прсти на една рака.
Теоремата на Хилари Клинтон
Длабочината на деформацијата на современиот капитализам, уште посликовито од Џонсон го искажува несудената претседателка на САД, Хилари Клинтон која во интервју за Форин Аферс го критизираше Бајден затоа што им дозволил на Русија и Кина да напредуваат во „вакцинската дипломатија“ и предложи САД да го подели својот вишок вакцини на сиромашни земји за Рисија и Кина да не можат во нив да го јакнат своето влијание.
„Кина и Русија ги буткаат своите вакцини и тоа ме растажува“, рекла Хилари Клинтон.
„Сфаќате, не ја растажува тоа што заради недостаток од вакцини во сиромашните земји масовно се умира туку затоа што од смртта ги извлекуваат американските ривали. Тоа е таа „пустелија во срцето“ на капиталистичкиот свет: повикот на профитот и надмоќта е посилен и од родената мајка, а камоли од милијарди сиромашни туѓинци“, забележува Пилиќ.