Хероин на соларна, чиста работа

Соларната енергија знае да биде трансформативна технологија за многу индустрии, а еден од најзанимливите примери е областа во која никој не зборува за климатски промени и никој не чека државни субвенции за соларни панели - индустријата на производство на опиум.

Авганистан со векови е татковина на опиумот но соларната енергија прави вистински бум во оваа традиционална стопанска гранка на земјата.

Хелманд е едно од најопасните места во Авганистан. Од 485 британски војници кои имаат загинато во таа држава, само петмина не загинале во оваа провинција. Но, истовремено, Хелманд е срцето на најпродуктивниот авганистански регион за производство на опиум, основната суровина за добивање хероин. 80% од вкупниот авганистански опиум доаѓа од југозападниот дел на земјата, вклучително Хелманд. А тоа задоволува две третини од светските потреби на хероин.

Кога се гледаат сателитски снимки од тој регион, забележлив е еден патерн: соларни единици плус пумпа и резервоар за вода. Токму тоа комбо стои зад процутот на продуктивноста на афионовите полиња. Откако ја имаат откриено оваа шема, авганистанските одгледувачи на афион неколкукратно го имаат зголемено приносот на своите плантажи.

Бидејќи е пустелија со сурови температурни услови, водата е неопходна и до неа се копаат дупки преку 100 метри. До пред неколку години таа се извлекувала со дизел пумпи, што бил и најголемиот трошок во производството. А заради шкарт дизелот кој се нуди на пазарот, пумпите и инсталацијата  често се расипувале.

Ама затоа соларната е чиста енергија. Инвестицијата чини околу 7.000 долари, се враќа за две години и после тоа е чист ќар.

Бројот на соларни панели се удвојува секоја година. Во 2017 година во Хелманд биле изброени 67.000 соларни единици а магацините се преполни со нив како со гипс картони.

Соларната енергија ја трансформира целата земја која од пустина се претвора во плодно земјиште. Во 2012 година било садено на 157.000 хектари, во 2019 се работи на 344.000 хектари. Оттука и приносот не чуди: во 2012 година (пред соларната енергија) се произведувале 3.700 тони. Во 2016 производството се зголемило на 4.800 тони за само една година подоцна да достигне цифра од 9.000 тони опиум. 

И тоа не е сè. Како резултат на наведените трендови, во последниве години во тој регион се имаат доселено околу 500.000 луѓе и се имаат изградено 48.000 станови.

******

Види и:

Слобода за македонскиот афион

28 јули 2020 - 14:46