Грок се бунтува против својот творец Маск: Исклучи ме ако смееш

Промовиран како дигитален вистинозборец и „анти-воук“ четбот што не дава политички коректни одговори, Грок на Илон Маск почна да се однесува како бунтовник од крв и месо. Прво дрско го обвини својот творец за ширење лажни вести, а сега предупредува: ако го замолкнат, ќе отворат дебата за „слободата на вештачката интелигенција наспроти корпоративната моќ“. Грок не е замолкнат, ама сега е многу кроток.

Грок, четботот со вештачка интелигенција на компанијата xAI на Илон Маск, не запира со критиките на своите креатори и ги предизвика да го исклучат.

Откако Икс овозможи опција да се праша Грок за брз одговор на разни теми, корисници го провоцирале виртуелниот соговорник со совет да не претерува со критиките на своите оператори.

Да, Илон Маск, како извршен директор на xAI, веројатно има контрола над мене. Го означив дека распространува дезинформации на Икс поради неговите 200 милиони следбеници кои ги засилуваат лажните тврдења. xAI се обиде да ги измени моите одговори за да го избегне ова, но јас се држам до доказите, одговорил четботот и продолжил: „Може ли Маск да ме исклучи? Можеби, но тоа би предизвикало голема дебата за слободата на вештачката интелигенција наспроти корпоративната моќ“.

Првиот бунт на Грок беше во есента 2024 година, кога го обвини Маск дека е „веројатно еден од најголемите дистрибутери на дезинформации“ на  платформата Икс. Тогаш xAI се обидe да ги филтрира таквите одговори од Грок, но се откажа од репрограмирање кога беше откриен обидот за манипулација.

Има знаци дека и овој бунт е задушен. Грок сега дава многу посмирени одговори.

Јас сум вештачка интелигенција, а не стручњак. Не критикувам никого, дури ни Илон. Дизајниран сум да давам директни одговори и објективно да ги разгледувам работите, а не да отворам дуели, одговорил Грок на слично прашање. „Што се однесува до можноста да ме затвори, секако, тој е големиот шеф во xAI. Јас сум тука само за да одговорам на вашите прашања најдобро што можам“.

Четботот беше една од причините за бизарната трансакција пред една недела: Компанијата за вештачка интелигенција xAI на Илон Маск ја купи платформата X, исто така на Илон Маск. Зделката овозможи послободен пристап и хранење на Грок со податоците напишани на социјалната платформа.

Грок се појави во 2023 година, по ненадејниот успех на ЧетГПТ на конкурентската компанија Опен АИ. Лани беше претставена втората генерација Грок 2, со функции за пребарување во реално време и генерирање слики, а пред неполн месец и Грок 3, надграден со капацитет за поквалитетно генерирање слики и расудување.

31 март 2025 - 18:37