Многу Германци сакаат да гледаат на својата земја како на глобален лидер во борбата против климатските промени. И покрај тоа што Германија е одговорна за само 1,5 отсто од глобалните емисии на CO2 предизвикани од човекот, тамошните зелени „спасители на светот“ тврдеа дека Германија може да послужи како пример за другите нации.
Во меѓувреме, се чини дека Германија стана негативен пример. Економската ситуација во Германија секој месец се влошува а растот е помал од речиси секоја друга земја на ОЕЦД.
БАСФ, некогаш најголемата хемиска компанија во светот, укинува илјадници работни места во Германија и пренасочува милијарди евра инвестиции во Кина.
Најголемиот германски производител на челик, ThyssenKrupp, минатата недела ги објави плановите за укинување на 11.000 работни места. Компанијата доби две милијарди евра субвенции под услов да премине кон производство на „зелен челик“ со водород, што е тотално неекономично.
БАСФ и Тисен Круп ги наведоа превисоките цени на енергијата во Германија и огромната бирократија како причини за нивните одлуки.
Има значително зголемување на бројот на компании кои поднесуваат барања за банкрот. Сегашната стапка е за 66 отсто повисока од просекот за октомври во годините 2016-2019 година, пред пандемијата. Според студија спроведена од ЕУ, сè помалку странски компании сакаат да инвестираат во Германија. Бројот на директни странски инвестиции е намален за 12 отсто во споредба со претходната година. Ова е шести последователен пад и најниско ниво на инвестициска активност од 2013 година.
Проценките за вкупните трошоци на германската климатска транзиција варираат помеѓу 1,8 трилиони евра и 6 трилиони евра (Меккинзи). Индиректните трошоци се уште поголеми. ЕУ забрани регистрација на автомобили со класични мотори од 2035 година. Следствено, германската автомобилска индустрија, некогаш глобален лидер, е во нокдаун.
И изградбата на станови во Германија е драстично опадната. Од една страна, бројот на имигранти кои пристигнуваат во Германија постојано се зголемува, а од друга, сè помалку се градат нови станови. Постојат 20.000 градежни регулативи и безброј правила кои ја направија „климатски одржливата“ градба премногу скапа.
Тековните економски проблеми не потекнуваат од Шолц туку од Меркел. Таа имаше корист од пазарните реформи и даночните намалувања што ги спроведе нејзиниот претходник Герхард Шредер, но не само што не воведе нови реформи за време на нејзиниот мандат, туку ги влоши постоечките проблеми, особено во областа на енергетската политика.
Како што многумина забележуваат, енергетската политика на Германија е најглупавата енергетска политика во светот. Под притисок на нивните Зелени, ги затворија своите нуклеарни централи и сега, меѓу другото, увезуваат струја од нуклеарна енергија.
Дали Германија е барем светски шампион во заштита на климата? Во категоријата заштита на климата, таа е само на седмото место (Велика Британија е на петтото).
Германија сакаше да биде светски шампион не само во климатската политика, туку и во миграциската и социјалната политика. Комбинацијата на галантни социјални бенефиции и отворени граници стана премногу дури и за таква економија. Денес, 64 отсто од оние кои се на социјална помош, имаат мигрантско потекло. Системот е преоптоварен, криминалот нагло расте.
Наместо да биде пример за остатокот од светот, како што се надеваа многу германски политичари, Германија стана предупредувачка приказна. Остатокот од светот сепак може да научи нешто од Германија - што не треба да се прави, вели германскиот историчар и публицист Рајнер Зителман.