Фудбалогледачите

Една од главните пасии на Катарците е да му покажат на светот колку се напалени на спортови. Од мерак за фудбал емирот на Катар го купи ПСЖ, а уште го трпат резилот дека го наместиле изборот за домаќин на СП 2022-ра. И покрај сето ова главна мака им е како да направиш да изгледа дека луѓето стварно одат на фудбал, во земја каде што е неиздржливо да одиш каде било. Тука на ред доаѓаат илјадниците имигранти работници.

За 8 долари од човек (цената не е фиксна) работници од Африка и Азија во индустриската зона на Доха ги товараат во автобус и ги носат на кој и да е спорт каде што треба да се пополни публика (ракомет, одбојка или фудбал). За парите, освен што треба да прават да изгледа дека има гужва, треба и да аплаудираат на наредба, да прават бранови, а дел ги облекуваат и во бели наметки за да се зголеми привидот за бројноста на домашна публика.

Новинари на Асошиејтед Прес се качуваат на еден од овие автобуси, кој носи публика на Катар Опен меѓународниот турнир во одбојка на плажа.

"Муабет за дневница се рашири во преполните бараки. Во 14:30 групи мажи кои имаа слободен ден се собраа надвор пред бараките. Некој од далеку забележа како доаѓа првиот автобус. Автобусот инстантно се наполни. По ова следуваа вториот и третиот.

Тешко дишејќи, мажите се сместија во своите седишта, тројца на едната страна, двајца на другата. Нема појаси за врзување, а вентилаторите не вртеа. Еден маж без седиште, седна на патос.

Еден по еден мажите од памет ги кажуваа своите работнички броеви - без имиња - на човекот кој минуваше низ автобусот и ги запишуваше на парче хартија. Ова е за подоцна да знае на кого да му плати.

Кај ал Гарафа спортскиот клуб, излеговме и се наредивме во линија. Службеници во катарска облека не преброија со потчукнување на рамото," пишува Џон Леикестер за АП.

Францускиот одбојкар Едуард Роландсон му објаснува на Леикестер дека сето ова му е бизарно, "ама подобро вака, отколку да играме пред празни трибини."

Во текстот се споменува една службена анкета од јануари годинава спроведена од министерството за планирање развој и статистики, според неа платените фанови се една од причините што Катарците ги одвраќа од стадионите. Резултатите покажале дека две-третини од анкетираните Катарци не биле на ниту еден натпревар во претходната сезона. Приближен процент на анкетирани одговориле дека "се поголемиот број на платени навивачи" се "значителна причина" што ја одвраќа публиката од стадионите.

"Дополнителен бонус: игралиштето за одбојка имаше бесплатно ВиФи, дозволувајќи им на работниците да ги прочитаат вестите и мејловите од дома. Тие ги извадија своите смартфони, игнорирајќи ги организаторите на публиката кои им сигнализираа дека треба да аплаудираат на 'Get Lucky' од Дафт Панк," пишува Џон.

По завршување на натпреварот работниците околу 3 часа чекале да дојдат автобусите за враќање. Парите ги добиле во автобус или во бараки. На крај им излегло дека заработиле по 1 долар на час.

18 декември 2014 - 11:39