Емиратите ќе пишуваат закони со вештачка интелигенција

Обединетите Арапски Емирати ќе станат првата држава во светот што ќе се потпира на вештачка интелигенција за пишување нови федерални и локални закони како и за преглед и измени на постојното законодавство и други процедури. Веќе осум години тие имаат и министер за вештачка интелигенција.

Потегот за дигитализација на државата од Персискиот Залив доаѓа во време кога отвориле и нова единица на владиниот кабинет, Канцеларија за регулаторно разузнавање, за да се помогне во поедноставувањето на законодавниот процес. 

Според извештаите, канцеларијата ќе биде одговорна за координирање на регулаторните решенија за вештачка интелигенција со федералните и локалните власти. 

Како дел од промената, владини претставници велат дека закони, судските решенија, извршни процедури и јавни сервиси ќе бидат диазјнирани од компјутери. 

„Овој нов законодавен систем, управуван од вештачка интелигенција, ќе го промени начинот на кој ги создаваме законите, правејќи го процесот побрз и попрецизен“, вели шеикот Мохамед бин Рашид ал-Мактум, владетел на Дубаи и премиер и потпретседател на ОАЕ. 

Емиратите планираат да користат вештачка интелигенција и за да следат како нивните закони влијаат врз населението и економијата на земјата. 

Употребата на вештачка интелигенција за пишување нови закони доаѓа осум години откако ОАЕ го именуваа првиот министер за вештачка интелигенција во светот, Омар Султан ал-Олама.

Нивните експерти проценуваат дека до 2030 година, вештачката интелигенција ќе има глобална пазарна вредност од 15,7 трилиони долари, а очекуваат ВИ да ги намали трошоците на владата за 50 проценти, да го забрза донесувањето закони за 70 проценти и да го зголеми бруто-домашниот производ на ОАЕ за 35%.

25 април 2025 - 19:54