Зад DemocracyOS стои една нова, се уште минорна но инвентивна политичка партија од Аргентина која смета дека оваа опен сорс платформа може да биде корисна алатка во градењето отворени и партиципативни политички системи.
Платформата која може да се користи за гласање и политички дебати ја употребуваат и во Тунис, Мексико ќе ја проба како јавна дебата за новите закони за заштита на приватноста а и градските власти на Буенос Аирес решиле да ја тестираат давајќи им на граѓаните шанса преку неа да дискутираат и да гласаат за три нови законски проекти.
Лидерката на аргентинската Нет Партија се надева дека нивната веб и мобилна платформа ќе стане моќен сојузник во желбата политиките да се носат врз основа на реакциите на активните граѓани а не врз основа на она што се случува во сивите зони на политичкото и бизнис лобирање.
Пиа Манцини вели дека луѓето немаат секогаш време да следат дискусии на локалните власти, да знаат како ги претставуваат нивните избраници или да следат донесување нови закони. Во случајот со Буенос Аирес, нивни волонтери ги следат седниците а потоа ја хранат апликацијата со објаснувања што се случува, обидувајќи се да ја соголат правната фразеологија.
Засега, одзивот е прилично скромен па во град од 2,5 милиони гласачи со 70 проценти интернет пенетрација, ретко добиваат над 100 учесници ангажирани во некое актуелно политичко прашање. После неколку века практицирање демократија на еден начин, навиките тешко се менуваат.