58 годишниот Кенет Смит е првиот американски затвореник усмртен со гушење со помош на азот.
Азотот не е лош, ама ако го има таман колку што треба, отприлика 78% колку што вообичаено го има во воздухот кој го дишеме. На Смит му ставиле маска која му пуштала саде азот, во гасовита состојба. Се смирил дури после 22 минути а претходно сцената била агонична.
Неговиот духовен ментор, свештеникот Џеф Худ кој присуствувал на егзекуцијата вели дека дури и службените лица биле видно изненадени колку лошо поминал настанот. Се очекувало Смит да изгуби свест за 30-тина секунди но долго потоа било јасно дека човекот уште е свесен и се бори за здив.
И организации за човекови права се згрозени од начинот на кој е убиен затвореникот.
„Лага е дека ова или смртоносната инекција се хумани методи. Единствената нивна задача е да ја скријат болката. Уште колку затвореници треба да умрат во тешка агонија пред да сфатиме дека тоа не е ништо друго освен насилно одземање туѓ живот?,“соопшти организацијата Реприв.
Алабама е една од трите американски држави, заедно со Оклахома и Мисисипи, која има одобрено азотна хипоксија како метод за спроведување на смртната казна.
„Ништо нема да ја врати мајка ми,“ изјави синот на Елизабет Сенет која Смит по нарачка ја убил на нејзина 45 годишна возраст во 1988 година.
Во ноември 2022 година, Смит го преживеа обидот за негово усмртување со инекција откако цели четири часа, соблечен гол, надлежните не успеале да му најдат вена во нозе или во раце во која инјекцијата би била ефикасна.