Децата кои секој ден полагаат екстерно

На 15-тина деца од едно кинеско село, училиштето им е далеку само 800 метри. Но, патот до него трае 90 минути а само еден погрешен чекор значи дека утре -  нема школо.

Секој ден по час и половина трае голготата на децата од оддалеченото село Атулер во кинеската провинција Сичуан кога се враќаат од училиште качувајќи се по дрвени скалила на 800 метри високата и стрмна планина која го дели школото од нивното село.

Сторијата стана позната благодарејќи на фотографиите на Чен Јие кој минатата година беше награден за фотките од експлозиите во Тианџин во кој загинаа стотици луѓе. На човекот не му се верувало кога видел низ какво опасно патешествие секојдневно минуваат децата од Атулер, 15 на број, на возраст од 6 до 15 години.

Велат дека на врвот на планината каде што се наоѓа селото немало место за училиште па тоа морало да биде изградено во подножјето. А импровизираните скали се тука откако луѓето памтат за себе а ги обновуваат кога ќе забележат дека некоја даска попушта. Доцна за "седум или осум" селани кои во последно време загинале минувајќи го опасниот пат.

А во Атулер има вкупно 72 житела кои во просек живеат со еден долар на ден одгледувајќи пиперки и ореви. 

Откако Кина економски се отвори во 80-тите години, околу 680 милиони Кинези испливаа над линијата на сиромаштијата но во земјата и натаму има многу сиромашни, меѓу кои во последно време најзначајна е групацијата на "новата урбана сиромаштија" која ја сочинуваат десетици милиони луѓе кои не се снајдоа откако државата ѝ се приклучи на Светската трговска организација.

31 мај 2016 - 10:13