Освен парите, победникот добива слава и пристап до јавноста преку медиумите кои стануваат заинтересирани за она што тој има да го каже околу темата на која истражувал или на која било тема за која сака да зборува.
"Ваква неочекувана слава нема никакви последици кај добитниците за литература или за мир, бидејќи ние сме научени да ги слушаме писателите или политичарите во ваква позиција. Сепак, ова е многу повознемирувачко за научниците," пишува францускиот Лес Ехо.
Проблемот според нив е што кога научник зборува на телевизија, тој повеќе не работи во лабораторија. Тоа директно значи помалку истражувања. Ова веќе го докажаа двајца економисти за Филдс медалите (кои се сметаат за Нобелова награда за математика), кои се доделуваат еднаш на 4 години, на математички генијалци помлади од 40 години. Нивниот заклучок е: "Продуктивноста на добитниците на Филдс наградите - без разлика како таа е мерена - значително опаѓа по добивањето на наградата, додека кај нивните несреќни ривали продуктивноста се зголемува во следните 20 години."
Двајцата (едниот од Харвард, другиот од Нотер Дам) признаваат дека наградите по физика и економија веројатно имаат повеќе бенефит затоа што го зголемуваат финансирањето на нивните истражувања, бидејќи кај математиката се што ти треба е лист и хартија. Друга добра страна што тие ја наведуваат кај Нобеловите награди е што тие обично им се доделуваат на научници кои веќе се во сериозни години, од 55 па нагоре.