Резултатот кој инаку е легитимна причина за масовно славје, во Норвешка е основа за вежбање скромност, прибраност и малку незгодно. Спортистите на Норвешка во земјата ќе донесат 14 медали од крос-кантри, 6 од биатлон, 5 од ски-скокови, 7 од алпско скијање и четири од брзо лизгање.
„Пленот речиси сигурно ќе ја оживее грижата која ја засени норвешката серија на победи од изминатите години - дека земјата толку многу доминира со одредени зимски спортови што можно е и да ги упропастува,“ пишува Дејвид Сигал во Њујорк Тајмс.
Оваа паника е најсилна во дисциплината крос-кантри, која со векови повеќе е неопходштина во тој дел од светот отколку спорт. Стравот на Норвежаните е дека нивните постојани победи може да го уништат ентузијазмот за спортот кај другите држави, кои никако да победат.
Доминацијата на Норвежаните значи и дека нема интерес за телевизиските преноси вон нивната земја или Скандинавија, па тешко дека спортот би можел да се омасови. Откако во 2011 почна норвешката доминација во спортот, според маркетинг директорот на Меѓународната ски федерација, Јург Капол, гледаноста на крос-кантри е падната за околу 40%.
„Ако спортист од твојата држава постојано завршува на 23-то место, помалку е веројатно дека ќе ја гледаш трката во твојата земја,“ објаснува Капол.
Целата работа би била многу поразлична кога во спортот би доминирала држава како Германија со популација од над 82 милиона, или САД со своите речиси 300 милиони луѓе.
„Сето ова претставува дилема за Норвежаните. Тие сакаат нивните спортисти да ги уништат сите конкуренти во нивниот омилен спорт, ама самиот спорт би можел да биде уништен ако не победуваат други држави,“ пишува Сигал.
Само тимот за одржување на скиите на норвешката репрезентација брои 30 луѓе, според нивниот раководител, Кнут Најстад, целата работа е крајно збунувачка:
„Чудно е, ама некои Норвежани ни се дерат дека премногу сме победувале. Други држави доминираат со други спортови. Зошто аргументот против успехот се прави само во спорт во кој ние победуваме?“
Една од мерките што ја преземаат Норвежаните е еден вид „Маршалов план“ за алпски спортови, во кој веќе седум години по ред ги канат конкурентите од цел свет на еднонеделни подготовки во официјалниот тренинг камп на норвешката репрезентација. Сите заинтересирани го плаќаат патот до таму и назад, а Норвешка ги покрива сите останати трошоци.
„Им покажуваме што функционира за нас. Немаме нацрт план како треба, ама чувствуваме одговорност кон меѓународната заедница и сакаме да бидеме отворени. Сакаме да го споделуваме нашето знаење,“ објаснува претседателот на норвешката ски федерација, Ерик Росте.
Освен услови за тренинг и финансирање, има и одредени културолошки предиспозиции кои спречуваат успехот на Норвешка да биде ископиран во остатокот од светот. Пред се тоа е неопходноста Норвежаните зимно време речиси секаде да патуваат со скии, заради што децата од најмала возраст речиси задолжително застануваат на скии.
На ова се накалемува и вљубеноста на Норвежаните во својата природа. (Во 2011 телевизиската мрежа НРК објави директен пренос од камерата на бродот МС Норднорге кој траеше 134 часа и немаше ништо друго освен видео и звуци од природата низ која тој минува. Преносот го следеше речиси половина од популацијата.) Од ваква комбинација на љубов кон скијање и природа, во земјата се изродија над 1.000 ски клубови, од кои голем дел неформални, со низок буџет и управувани од волонтери и родители. Тоа не значи дека големите клубови опстојуваат од силна волја, напротив длабоко се поддржани од најголемите банки, нафтени и осигурителни компании во земјата. Па така, меѓу опремата со која што располагаат Норвежаните е и камион од 1 милион долари кој служи само за подмачкување на скиите.
„Комбинацијата на традиција, тренинг и поддршка е речиси недостижна за останатите држави, и токму затоа, во Пјонгчанг, кога другите земји победуваа на норвешките спортисти привремено им олеснуваше што барем нешто било освоено од некој друг. Марит Бјорген стана најуспешната спортистка во историјата на ЗОИ откако во тимската трка го освои 14-от медал. Освои бронза. САД освоија злато, а среброто заврши во Шведска.
Во интервју по трката Бјорген искрено беше задоволна од исходот:
’Секако дека се боревме за златото. Ама одлично е САД да биде на подиумот. Ова е важно за спортот’,“ пишува Сигал.