
Дали некогаш сте биле на погреб на некого кого не сте го познавале, ниту пак сте познавале некого од неговото семејство? Токму тоа се случи на 11. ноември во Англија, кога стотици луѓе му одадоа последна почест на еден ветеран од Втората светска војна.
Харолд Џелико Персивал, кој за време на Втората светска војна служел во британските Кралски воздухопловни сили, починал на 99 години, без блиски пријатели или роднини. Вработените во старечкиот дом каде ги поминал последните години биле загрижени дека никој нема да се појави на неговиот погреб. Затоа, во некрологот кој за него го објавиле во локалниот весник, а кој почнал скениран да кружи по социјалните мрежи, замолиле секој кој е во можност да присуствува на погребот и да го испрати онака како што тој заслужил, и како некогашен војник, и како човек.
Повикот одекнал, засилен од фактот што погребот се случувал на денот кој во Британија се слави како Remembrance Day, односно одбележување на крајот на Првата светска војна која официјално завршила во 11 часот, на 11-тиот ден од 11-тиот месец во 1918. Токму тоа бил часот и денот на кој бил закажан и погребот на Харолд, а на кој и покрај силниот дожд ненадејно се појавиле стотици луѓе кои воопшто не го познавале, мотивирани од она што свештеникот кој ја водел церемонијата го опишал како „споделена човечност".
Ковчегот, покриен со препознатливото сино знаме на Кралското воздухопловство бил однесен до крематориумот со звуците на The Dam Busters, песна посветена на славниот ескадрон, во чија пешадија служел покојниот.