Цензурите вродија со (не)очекуван плод

Фондацијата за индивидуални права и изразување (FIRE) и Институтот NORC на Универзитетот во Чикаго спроведоа истражување на 1.022 потенцијални гласачи на претстојните претседателски избори во САД. Резултатите покажуваат дека слободата на говорот е второто најважно прашање за гласачите на овие избори, поважно од здравствената заштита, имиграцијата, криминалот и оружјето.

Најважното прашање за повеќето потенцијални гласачи е инфлацијата и зголемените трошоци за живот. Тоа се „многу важни прашања“ за 68% од испитаниците и „донекаде важни“ за уште 23%.

Веднаш зад инфлацијата е слободата на говорот. Дури 63 отсто од испитаниците сметаат дека слободата на говор е „многу важна на овие избори“, а уште 27 отсто дека е „донекаде важна“.

„Пораката е јасна“, коментира Натан Ханикат, истражувач за FIRE. „Американците сакаат да се почитува нивното право на слободен говор“.

Членовите и симпатизерите на двете големи политички партии подеднакво ја сметаат слободата на говор за важно прашање денес (91% од републиканците и 90% од демократите). Републиканците поверојатно ќе го оценат прашањето како „многу важно“ - 70% наспроти 60% од демократите.

Мнозинството Американци сметаат дека „нивните“ ќе ја заштитат нивната слобода на говор доколку дојдат на власт но се разликуваат во поглед на довербата кон спротивната партија. 53% од републиканците мислат дека демократите нема да ја заштитат слободата на говорот, додека 50% од демократите го мислат истото за републиканците.

Оние кои се декларираат како политички независни се подеднакво песимисти за двете политички партии и за нивната заштита на слободата на говорот. 62% од независните испитаници одговориле дека имаат многу мала доверба во демократите кога е во прашање слободата на говорот, а 61% од нив го мислат истото за републиканците.

 

27 октомври 2024 - 09:59