
Независната организација Policy Exchange што спровела ревизија на наставната програма низ Британија предупредува дека училиштата „отишле предалеку“ во прифаќањето на корекциите на историјата што беа наметнати под притисок од „будењето“ и движењето Блек лајвс метер.
Во илустрираната читанка „Брилијантната црна британска историја“ од авторката Атинуке, која е одобрена во наставниот план за деца на возраст над 7 години, пишува на пример дека „Британија била населена со црн народ 7.000 години пред да пристигнат белците“.
Притисокот бил извршен по смртта на Џорџ Флојд во САД во 2020 година, кога „воукизмот“ и протестите на групата БЛМ се прошири и во Европа. Во иницијативата за ревидирање на историјата, на училиштата им било наложено во наставата да вклучат повеќе лекции за етничките малцинства за да се избегнат расистички алудирања.
Во извештајот се наведува дека 83% од средните училишта го промениле наставниот план по историја за да го „деколонизираат“.
Во некои случаи тоа имаше позитивен ефект, запознавајќи ги учениците со разни лекции со богати содржини што ги покриваат главните подрачја од британската и светската историја. Но, во преголем број случаи овој процес отишол предалеку, со радикални или оспорени интерпретации на минатото претставени како факти, или со анегдоти за интересни биографии наместо подлабоко разбирање на историскиот контекст, се наведува во ревизијата.
Како таков пример е наведено објаснувањето дека кастрирањата на робовите во римско време било „форма на промена на полот“.
Во исто време многу училишта се откажале од лекциите за клучните моменти од историјата на Британија. Само во 11% од училиштата децата учат за битките кај Трафалгар и Ватерло. Од друга страна дури 99% од вкупно 249 средни училишта опфатени со анализата ги вовеле лекциите за трансатлантската трговија со робови.
Извештајот доби поддршка од поранешните министри за образование.
Како момче што пристигнало од Багдад добро знам колку е важно секое дете во оваа земја, без оглед каде е родено, да има можност да учи за инспиративното наследство на Британија, изјави поранешниот министер Надим Захави.