„Секоја недела помислуваме дека веќе сме го достигнале врвот на разбуденоста кога нешто ќе се случи и ќе ги надмаши сите дотогашни лудила“, вели Брендан О'Нил.
Последното такво нешто е дека англиската полиција го истражува случајот со знамето кое беше извадено на стадионот Селхрст Парк, како реакција на преземањето на Њукасл Јунајтед од групација која го вклучува и саудискиот фонд со кој претседава принцот Мохамед бин Салман.
Како што гледате на фотографијата, на знамето е саудиски угледник кој со меч мавта кон страчката која е симбол на клубот. Пораката обвинува и за тероризам, сечење глави, убиства, цензура и слично.
Полицијата во Кројдон вели дека добила поплака околу знамето и дека детално ги испитува околностите дали тоа може да се смета за навредливо или расистичко.
„Во Премиер лигата која промовира женски фудбал и носење ластици со виножито, да се преземе еден клуб од страна на режим во кој жените имаат никакви права а хомосексуалците се гонат - е тотално лицемерие“, реагираат од навивачката група Фанатици, кои го дизајнираа и објавија знамето.
Постапката на британската полиција е гротескна навреда за сите оние Саудијци кои во моментов се во затвор поради критикување на нивните власти.
„Можеби и тие биле 'навредливи'? Е па тогаш, држи ги во зандани!“, пишува О'Нил обрнувајќи внимание на фактот дека терминот исламофобија сè почесто се користи за да се контролира политичката дискусија и да се демонизираат оние кои се загрижени од исламскиот радикализам.