Богата Америка vs. сиромашна Америка

Меѓу кошмарните статистики од САД има податоци од типот дека 40% од работниците годишно заработуваат помалку од 20.000 долари (плус на оваа сума треба и данок да платат) или 1.666 долари месечно.

Ова се 21 факт за двете Америки, собрани од сајтот Zero hedge:

1. Најниско платените 23.303.064 Американци заедно заработуваат 36 проценти помалку отколку 2.915 најдобро платени Американци.

2. 40% од сите американски работници, заработуваат помалку од 20.000 долари годишно.

3. Според Пју истражувачкиот центар, најбогатите 7% од американските домаќинства, поседуваат 63% од вкупното богатство на земјата.

4. Во просек домаќинството од најбогатите 7% има 24 пати поголемо богатство од домаќинствата во останатите 93%.

5. Според бројките објавени неделава 49,7 милиони Американци живеат во сиромаштија. Ова е историски рекорд за земјата.

6. Денес во САД најбогатиот 1% од Американците имаат поголема нето вредност од најсиромашните 90% од нацијата.

7. Приходите на домаќинствата опаѓаат веќе 5 години по ред, а вкупната бројка на потрошувачки кредити е порасната за 22% во последните 3 години.

8. Според Форбс, најбогатите 400 Американци имаат поголемо богатство од најсиромашните 150 милиони Американци заедно.

9. Процентот на Американци кои поседуваат недвижнини а најмал во изминатите 18 години.

10. 6-те наследници на Вол-Март имаат богатство колку што има најсиромашната една третина од Американците заедно.

11. 18% од сите пари за купони за храна се трошат во Вол-Март.

12. Според американското Биро за попис, средната класа дома носи многу помал дел од "питата" на приходите отколку кога и да е претходно.

13. 1,2 милиони ученици кои во моментов ги посетуваат државните училишта во САД се бездомни. Бројот пораснал за 72% од минатата рецесија.

14. Речиси половина од сите ученици во јавните училишта во САД доаѓаат од домови со ниски примања.

15. Во 1980-те, ЦЕО-та на топ 500-те компании заработуваа 42 пати повеќе отколку просечниот работник. Денес, ЦЕО-та на топ 500-те компании заработуваат 354 пати повеќе отколку просекот на нивните работници. А има голем број на ЦЕО-а кои заработуваат и по 1.000 пати повеќе.

16. Американските семејства, во кои "главата" на семејството е под 30 години имаат стапка на сиромаштија од 37%.

17. Во моментот секој четврти американски работник има работа која се плаќа 10 долари на час или помалку.

18. Денес САД имаат повисок процент на работници кои работат ниско платени работи, отколку која било друга голема индустријализирана држава.

19. Приближно секое петто домаќинство во САД користи бонови за храна.

20. Бројот на Американци на бонови за храна порасна од 17 милиони во 2000-та, на над 47 милиони денес.

21. Во овој момент најсиромашните 50% од Американците поседуваат само 2,5% од богатството во САД.

8 ноември 2013 - 17:17