Во детално и разбирливо образложување на проблемите на Пентагон од 8.000 зборови, Мат Таиби во текстот за Ролинг стоун магазинот објаснува дека проблемот е замрсен јазол од неброени мали проблеми.
Како пример Таиби го наведува ИТ системот на Пентагон, каде во еден случај кога во формуларот за нарачка полето „квантитет“ било оставено празно компјутерот направил нарачка на 990.000 примероци со вкупна цена од 3,5 илјади милијарди долари. Оваа нарачка никогаш не била остварена, меѓутоа системот немал начин да ја поништи трансакцијата, па таа е оставена во сметководствените книги и мистериозно подоцна е одбиена, правејќи сметководствен вишок колку една третина од БДП-то на САД.
Дури и кога американската армија ќе направи нарачка таа не води евиденција, па така, клучни воени залихи како нуклеарно оружје низ историјата немаат сериски броеви. Во еден случај американската авијација по грешка испраќа нуклеарни врвови од ракети во Тајван, каде очекувале пратка на акумулатори за хеликоптери.
Ваквата распашаност се влошува како што со тек на време снабдувачите на армијата успеваат толку да се збогатат од ова и од измами што го прават, што сега имаат доволно пари за да го купат кој било конгресмен во соодветните комисии, и да го спречат секој законодавен обид да се воведе некаков ред во трошењето.
Ова не значи дека нема финансиски ревизии на Пентагон. Има, траат со години, чинат буквално милијарди долари и завршуваат на еден од овие два начини:
- Невозможно е да се направи ревизија на системот таков каков што е;
- Или подоцна излегува дека ревизиите се неточни и мора да бидат повлечени.
Токму тоа е и измамата, илјадници милијарди долари завршуваат како трошок во книгите на Пентагон иако војската нема изгубено илјадници милијарди долари. Само мал дел од овие трошоци се реални, а хаосот околу нив дозволува дел од снабдувачите преку измами да го оштетат буџетот за милијарди долари.
Неодамна Пентагон одлучи да даде милијарди долари на четири големи компании за ревизија кои треба одново да го прочешлаат работењето на американската одбрана.
„Министерството за одбрана во најголем дел нема поим колку пари троши. Има контрола над некои работи, како платите на војската, меѓутоа во други делови нема поим што се случува. Ниту една од неговите родови - армија, маринци, морнарица, авијација - не користи ист систем за евиденција на трансакциите или надзор на залихата. Секој од нив има сопствен буџет за операции и менаџирање, сопствен систем за плати, сопствен буџет за развој итн. Ова е империја на неповрзани буџети,“ пишува Таиби.