„Глобалниот карантин ќе спаси повеќе човечки животи од смртоносно загадување отколку од самиот вирус“, ја насловува магазинот Форбс статијата која се занимава со оваа (не)весела математика.
Логиката е дека општиот катанец врз светов, наметнат од опасноста од новиот коронавирус, испозатвори фабрики и ги намали патувањата со што битно го намалува смртоносното загадување, вклучувајќи ги емисиите на гасови кои ја загреваат климата.
Ваквото паузирање на животот би можело да сочува човечки животи повеќе отколку што коронавирусот ќе ги загрози, вели Франсоа Жемен, директор на Иго опсерваторијата која се занимава со интеракциите на промените во околината, човечката миграција и политиката.
„Бизарно е но мислам дека во крајниот жртвен биланс од коронавирусот, човештвото може да биде во позитива, ако бројот на жртвите од ковид-19 се балансира со загубените животи од загадување на воздухот“.
Проценките велат дека во Франција од загаден воздух годишно умираат 84.000 луѓе, во САД преку 100.000, во Кина преку еден милион а Светската здравствена организација проценува дека на глобално ниво, бројот на жртвите изнесува околу 7 милиони лица.
Проценки за финалниот жртвен биланс на коронавирусот е рано да се прават бидејќи цифрата многу ќе зависи од тоа дали и колку ефект ќе дадат мерките кои во моментов се спроведуваат. Во никој случај тоа нема да биде мала цифра и најверојатно ќе биде изразена во милиони, но прашање е колку. Некои експерти сметаат дека епилогот ќе биде сличен на експлозијата на грип во 1957 година кога беа покосени околу еден милион животи. Но, истовремено ќе бидат спасени многу повеќе од тоа, тврди Жемен.
Дискрепанцата меѓу тоа како реагираме на различни закани треба да ни даде повод да размислиме зошто толку силно реагираме на една закана која е помалку смртоносна а толку слабо на онаа поопасната.
„Ова се фасцинантни времиња. Она што ме изненадува е што мерките кои сме подготвени да ги преземеме за да го победиме коронавирусот се многу пожестоки од она што сме подготвени да го сториме за да се заштитиме од климатските промени и загаденоста на воздухот,“ вели Жемен.