Аргентина забрани рекламирање

Објаснувајќи го како една од мерките против растот на цените и последователната инфлација, аргентинската влада воведе забрана за купување и објавување на реклами.

Како дел од мерките за спречување на инфлацијата во Аргентина веќе некое време е воведена позицијата "Цар за контрола на цени". Токму тој, Гилермо Морено, ја наредил забраната за рекламирање.

Додека преговарал со големите синџири за продажба за да ги замрзнат цените во идните 2 месеца, Морено ним им порачал да ги повлечат сите реклами од весниците, надевајќи се дека тоа некако ќе ја сопре инфлацијата.

"Ова повеќе беше наметнување отколку барање. Тој едноставно рече дека никој не треба да објавува никакви реклами. Ова не е одржливо и ова тешко ќе се спроведе," изјавил еден од претставниците на продажниот сектор.

Една од теориите зад ваквата забрана е дека со ова Владата сака да ги казни весниците кои постојано пишуваат за инфлацијата, посебно оние кои објавуваат независни проценки за стапката на инфлација.

11 февруари 2013 - 22:48