
Чоколадо
Ситуацијата со чоколадото е следна: најголемиот дел од светското какао доаѓа од Западна Африка. Таму речиси целата индустријата се базира на детски труд кој скоро и да не е платен. Меѓутоа и покрај ваквите "економски олеснувања" одгледувањето какао не е исплатливо за тамошните земјоделци.
Самото собирање на какаото е ужасно тешко, се прави рачно и тоа на пеколни температури. За земјоделецот воопшто да стигне до собирање тој прво треба да чека 5 години, колку што е рокот меѓу садењето и првата берба.
Проблемот на производителите на чоколадо е што ако земјите од Западна Африка одлучат да почнат да користат легален труд во производството на какао (полнолетни мажи и жени, наместо деца), тоа ќе достигне цена речиси како кавијарот. Во исто време не постои друг дел од светот кој може количински да ја надомести количината произведена во овој регион.
Сардини
Популацијата на сардини флуктуира во зависност од температурата на водата, па така во последните 20 години откако се оладија водите на Пацификот тие се помалку се размножуваат. На ова треба да се додаде и претераното ловење на малите рипчиња.
Дополнително, целата икра за денешните сардини ја добиваме од сардини родени пред една деценија, популација која е на крај од животниот век.
Текила
Падот на реколтата на агаве (растението од кое се прави текила) е заради исти причини како и кај какаото - на земјоделците не им се исплати да го одгледуваат. Плус садењето житарици е далеку поисплатливо за Мексиканците.
Префрлањето од агаве на житарици, значи дека земјоделците мораат да го запалат постојниот насад. Тука главниот проблем е што ако тие повторно решат да одгледуваат агаве, ќе им бидат потребни 12 години од садењето до првата берба.
Свесни за ваквата ситуација, производителите на текила веќе некое време го складираат пијалакот и чекаат само да дојде очекуваниот скок на цената на текила, па да го наплатат долгогодишното трпение.
Хелиум
Чисто лаички првата асоцијација за хелиум се балоните и мутацијата на вашиот глас. Професионално тој се користи за оптички влакна, магнетна резонанса и ЛЦД екрани.
И покрај тоа што светските резерви на хелиум се при крај, тој се уште има евтина цена.
Целата работа е што во 1925-та Американците почнуваат да прават резерва на хелиум, која достигнува една милијарда кубни метри или половна од вкупното преостанато количество хелиум во светот.
Во 1996-та САД донесува одлука дека треба да ги потрошат своите резерви на хелиум до 2015-та, заради што сериозно паѓа светската цена.
Вино
Тука не станува збор за недостаток на суровина, туку проблемот е што се помалку се произведува вино во светот, додека во исто време расте побарувачката.
И покрај растот од 1% на глобалната потрошувачка на вино, минатата година производството паѓа за 5% и стига на најниско ниво од 1960-та. Европа, која произведува половина од светското вино има пад на производството од 10%.
Козјо сирење
Пазарот за козјо сирење е прилично константен во однос на побарувачката и цената. И сето ова некако функционираше се додека Кина не почувствува глад за сирењето. Сега производителите најотворено им порачаа на супермаркетите дека ако не почнат да плаќаат повисока цена ќе се соочат со сериозен недостаток од производот.
Сланина
Според една британска асоцијација, светскиот недостаток на сланина (и останати производи од свиња) е неизбежен. Ама не сме само ние виновни, туку има повеќе фактори.
Прво, минатата година имаше скок на цената на храната, а за тоа беше виновно што пред 2 години беше слаба жетвата на соја и пченка. Заради ова свињарите мораа да го намалат бројот на грла за да ги скратат и трошоците. Дополнително, во 15 сојузни држави во САД има свински вирус за кој се уште немаат најдено вакцина.
Иако нема во скоро време да ја снема сланината, без сомневање може да се очекува скок на нејзината цена и цената на останатите производи од свиња.