2024 YR4. Уште тој ни фали

Астрофизичари од целиот свет последниве месец и половина внимателно „гледаат нагоре“ поради  астероидот наречен 2024 YR4 откриен за време на католичките божиќни празници кој би можел да ја погоди Земјата за околу седум години. Добрата вест е дека веројатноста да нè зачука е мала, лошата дека таа веројатност расте.

Од првичните 1,3 отсто, веројатноста за судир со нашата планета, во последната недела се зголеми на околу 2,3 отсто. 

Иако постои речиси 98%  шанси овој астероид да помине покрај Земјата на 22 декември 2032 година, сè уште не може целосно да се исклучи евентуалниот удар, па за првпат е започната процедура за глобална планетарна одбрана.

Се проценува дека астероидот е со дијаметар од 40-90 метри и според сегашните проценки, веројатноста за судар со Земјата е најголема на 22-23-ти декември 2032 година. Тој беше откриен од чилеанската станица на опсерваторската мрежа АТЛАС лани на 27 декември, кога помина покрај Земјата на 830.000 км, т.е. околу 2,5 пати повеќе од растојанието од Земјата до Месечината. Нови мерења со телескопи од земја ќе бидат можни до април а после тоа, мерењата ќе ги прави вселенскиот телескоп Џејмс Веб. 

Следната блиска средба се очекува во декември 2028 година.

„Траекторијата на астероидот е елипсовидна и ја пресекува патеката на Земјата околу Сонцето. 2024 YR4 најверојатно има силикатен состав, како околу 20 проценти од астероидите. Астероидот е премногу мал и премногу далечен за да може со телескоп да се уловат деталите на површината или неговата форма. За споредба, 2024 YR4 е неколку пати поголем од астероидот Челјабинск од 2013 година, а приближно голем колку астероидот Тунгуска од 1908 година, но тој имаше различен хемиски состав и се состоеше од железо и никел“, објаснува доктор Ловро Палаверса од загребскиот институт Руѓер Бошковиќ.

Методите за одбрана од астероиди може да се поделат во две категории - пренасочување или уништување. Во првиот случај, потребно е да се смени траекторијата со удар; таков тест неодамнa правеше мисијата ДАРТ на НАСА. Друг метод е да се постави сателит во близина на астероидот, што би предизвикало промена на орбитата преку гравитациска интеракција. Нуклеарните експлозии се споменуваат како последно средство, но нивната ефикасност не се цени премногу.

13 февруари 2025 - 09:09