Драга проректорке Сузан Џефордс,
Ви пишувам денес за да поднесам оставка како асистент професор по филозофија на Универзитетот Портланд стејт.
Изминатава деценија ми беше привилегија да предавам тука. Моја експертиза се критичко размислување, етика и Сократовиот метод, а држам предмети како Наука и псевдонаука и Филозофија на образованието. Меѓутоа згора на истражувањето на класични филозофи и традиционални текстови, на моите часови канев голем број гости предавачи, од рамноземјаши до христијански апологети до скептици на глобалното затоплување до поборници на Окупирај го Вол стрит. И се гордеам со мојата работа.
Ги канев овие говорници не затоа што се согласував со нивниот светоглед, туку главно затоа што не се согласував. Низ овие хаотични и тешки разговори, јас го видов најдоброто што нашите студенти можат да го постигнат: преиспитување на уверувањата, притоа почитувајќи го верникот; останување смирен и во проблематични околности; па дури и промена на размислувањето.
Никогаш не верував - па дури ни сега - дека целта на сето ова беше да се доведат моите студенти до некој конкретен заклучок. Наместо тоа, сакав да создадам услови за ригорозна мисла; да им помогнам да ги стекнат алатките за ловење и трасирање на сопствените заклучоци. Ова е причината зошто станав професор и зошто сакам да учам други.
Меѓутоа цигла по цигла, универзитетот направи ваквиот тип на интелектуално истражување да биде невозможен. Тој се трансформираше себе си од бастион на слободното размислување во фабрика за социјална правда чија единствена суровина беа раса, род и менталитет на жртва, а чиј единствен производ беа навреди и поделби.
Студентите од Портланд Стејт не учат како да мислат. Наместо тоа, тие се обучени како да ја копираат моралната сигурност на идеолозите. Факултетите и администраторите ја аболицираа универзитетската мисија за барање на вистината и наместо тоа поттикнуваат нетолеранција кон поразлични верувања и мислења. Ова создаде култура на напади во која сега на студентите им е страв да зборуваат отворено и искрено.
Знаците на нелиберализмот кој сега целосно го проголта образованието ги забележав уште на почетокот на мојата служба во Портланд Стејт. Бев сведок на тоа како студентите одбиваат да се занимаваат со поразлични гледишта. Прашањата од факултетот за време на обуките за разноликост кои беа спротивни на одобрениот наратив беа инстантно отфрлани. Оние кои бараа докази за оправдување на новите институционални политики беа обвинети за микроагресија. Професорите беа обвинети за фанатизам затоа што давале за обработка канонски текстови напишани од филозофи кои биле Европејци и мажи.
Во прво време не сфатив колку сето ова е системско и верував дека можам да ја преиспитувам оваа нова култура. Па почнав со поставување прашања. Кои се доказите дека предупредувањата за предизвикување негативни емоции кај некого или безбедниот простор придонесуваат кон учењето на студентите? Зошто расната свесност треба да биде главната призма низ која ние ја гледаме нашата улога како едукатори? Како одлучивме дека „културолошката апропријација“ е неморална?
За разлика од моите колеги, јас овие прашања ги поставив гласно и во јавност.
Одлучив да ги изучувам новите вредности кои го проголтуваа Портланд Стејт и многу други образовни институции - вредности кои звучат прекрасно, како разноликост, рамноправност и инклузивност, меѓутоа можат да бидат токму спротивното. Колку повеќе го читав примарниот изворен материјал создаден од критички теоретичари, толку повеќе се сомневав дека нивните заклучоци одразуваат столбови на идеологија, а не заклучоци базирани на докази.
Почнав да се вмрежувам со студентски групи кои имаа слична загриженост и канев говорници за истражување на овие теми од критичка перспектива. И почна да ми станува се појасно дека случаите на нелиберализам на кои бев сведок низ годините не се само изолирани настани, туку дел од проблем кој ја зафаќа целата институција.
Колку повеќе зборував за овие прашања, толку повеќе се соочував со одмазда.
На почетокот од академската година 2016-17, поранешен студент се пожали на мене и универзитетот започна истрага Заглавие 9 (Заглавие 9 е дел од сојузен закон чија цел е да ги заштити „луѓето од дискриминација по основа на пол во образовните програми или активности кои примаат сојузна финансиска помош.“) Мојот обвинител, бел маж, даде мноштво неосновани обвиненија против мене, кои правилата за универзитетска доверливост за жал не ми дозволуваат дополнително да ги дебатирам. Тоа што можам да кажам е дека моите студенти кои беа интервјуирани за време на процесот ми кажаа дека истражителите ги прашувале дали се запознаени со тоа дека ги тепам сопругата и децата. Ова застрашувачко обвинение наскоро стана раширена гласина.
Кај Заглавие 9 истрага не постои судска постапка, па јас немав никаков пристап до конкретните обвиненија, можност да го конфронтирам мојот обвинител, или пак да се одбранам самиот себе. На крај, резултатите од истрагата беа откриени во декември 2017. Еве ги последните две реченици од извештајот: „Глобална разноликост и инклузивност открива дека нема доволно докази дека Богосиан ја нарушил политиката на ПСУ за Забрана на дискриминација и малтретирање. ГРИ препорачува Богосиан да добие обука“.
Не само што немаше извинување за лажните обвиненија, туку истражителот исто така ми кажа дека во иднина не ми е дозволено да го искажувам своето мислење за „заштитените класи“ или да предавам на начин што моето мислење за заштитените класи ќе биде дознаено - бизарен заклучок на апсурдни обвиненија. Универзитетите можат да спроведат идеолошки порамнување само преку закани за овие истраги.
Со тек на време се уверив дека корумпираните тела на образованието се одговорни за правдањето на радикалното оддалечување од традиционалната улога на либералните школи и основната учтивост во кампусот. Имаше итна потреба да се демонстрира дека морално модерните текстови - без разлика колку се апсурдни - ќе можат да бидат публикувани. Тогаш верував дека ако ги соголам теоретските недостатоци на овој корпус, ќе и помогнам на универзитетската заедница да избегне да гради на такви нестабилни темели.
Па во 2017 го објавив намерно изопачениот рецензиран труд чија мета беше новата ортодоксност. Неговиот наслов беше „Концептуалниот пенис како социјален конструкт“. Овој пример на псевдо-образование, кој беше објавен во списанието Когент сошал сајансес, тврдеше дека пенисот е производ на човековиот ум и дека е одговорен за климатските промени. Веднаш потоа објавив дека трудот е лажен и е направен само за да го привлече вниманието кон маните на рецензирањето и академските системи за објавување.
Кратко по ова во две купатила во близина на катедрата по Филозофија се појавија два кукасти крста со моето име под нив. Повремено се појавуваа и на вратата од мојот кабинет, а во еден случај и на ќеса со измет. Нашиот универзитет остана нем за ова. Кога делуваше, тоа беше против мене, а не против прекршителите.
Продолжив да верувам, веројатно наивно, дека ако го изложам погрешното размислување на кое се базираат новите вредности на Портланд стејт, ќе можам да го извадам универзитетот од ова лудило. Па во 2018 ко-објавив серија на апсурдни и морално одвратни рецензирани текстови во списанија кои се фокусираа на теми како раса и род. Во еден од нив тврдевме дека во паркови за кучиња има епидемија на силување кучиња и предложивме мажите да ги ставиме на каиш исто како што се кучињата на каиш. Нашата цел беше да се покаже дека одредени видови на „образование“ не се базирани на откривање на вистината туку на протежирање на општествени поделби. Овој светоглед не е научен, и не е ригорозен.
Администратори и професори беа толку разгневени од овие трудови што објавија анонимен текст во студентскиот весник, а Портланд Стејт поднесе формални обвиненија против мене. Нивното обвинување? „Истражувачко лошо однесување“ базирано на апсурдната премиса дека уредниците на списанијата кои ги прифатиле нашите намерно извитоперени текстови биле „човечки субјекти“. A јас бев прогласен за виновен за тоа што не сум добил одобрение за експериментирање со човечки субјекти.
Во меѓувреме, во Портланд Стејт почна да расте идеолошката нетолерантност. Во март 2018, редовен професор прекина јавна дискусија што ја имав со авторката Кристина Хоф Самерс и со еволуциските биолози Брет Вајнстин и Хедер Хејинг. Во јуни 2018, некој активираше аларм за пожар за време на мојот разговор со критичарот на популарна култура Карл Бенџамин. Во октомври 2018 активист ги извади жиците од звучниците за да го прекине мојот панел со поранешниот инженер на Гугл, Џејмс Дамор. Универзитетот не направи ништо за да го спречи или да обрне внимание на ваквото однесување. Никој не беше казнет или дисциплиниран за ова.
За мене, годините кои следуваа беа обележани со континуирано малтретирање. Низ кампусот наоѓав флаери со моја слика со нос од Пинокио. Минувачи ме плукаа и ми се закануваа додека одев на час. Бев информиран од студентите дека моите колеги им кажуваат да ги избегнуваат моите предавања. И секако, бев цел на уште истраги.
Би сакал да можам да кажам дека ова што го објаснувам не влијаеше врз мене. Меѓутоа имаше токму такво влијание какво што беше планирано: сè помалку поднослив работен живот и без заштитата што ја имаат редовни професори.
Тука не се работи за мене. Се работи за тоа какви институции сакаме и какви вредности избираме. Секоја идеја што ја унапредувала човековата слобода секогаш, без грешка, првично била осудена. Како поединци, често пати изгледаме неспособни да ја запаметиме оваа лекција, меѓутоа токму затоа тука се нашите институции: да нè потсетат дека слободата да се преиспитува сè е наше фундаментално право. Образовните институции треба да нè потсетат дека ова право исто така е и наша должност.
Универзитетот Портланд стејт не успеа да ја исполни оваа должност. Притоа тој ги издаде и своите студенти и јавноста што го поддржува. Иако сум благодарен за можноста повеќе од една деценија да предавам на Портланд Стејт, ми стана јасно дека оваа институција не е место за луѓе чија намера е слободно да размислуваат и да истражуваат идеи.
Ова не е исходот што го сакав. Меѓутоа се чувствувам морално обврзан да го направам овој избор. Десет години ги учев моите студенти за важноста да се живее според своите принципи. Еден од моите е да го одбранам нашиот систем на либерално образование од оние што сакаат да го уништат. Кој би бил јас ако него сторев тоа?