Андреј Колешников

Зошто не успеваат санкциите против Русија

Западниот пристап кон Русија се заснова на претпоставката дека постојаниот притисок врз државата ќе го натера режимот на претседателот Владимир Путин да направи отстапки, па дури и да го собори. Ништо не може да биде помалку точно од ова.

Основната претпоставка за ефикасноста на западните санкции е дека острите економски последици од нив ќе ја свртат руската јавност, посебно финансиската и политичката елита, против Кремљ. Дека Путин нема да може да го издржи се поголемото несогласување од имотните урбани области и напредната средна класа во земјата.

Во меѓувреме, логиката е дека, воениот притисок - во форма на потенцијална смртоносна помош за Украина - слично ќе ги мобилизира просечните Руси против Путин. Неволни да ги гледаат како нивните момчиња гинат за Донбас, тие ќе формираат анти-воено движење кое ќе го присили тој да ги заузди своите територијални амбиции. Кога истовремено ќе биде под притисок од горе и од долу, Кремљ ќе мора да ги промени своите политики, па можеби и да се демократизира.

Она што творците на западната политика никако не успеваат да го разберат е дека таков пристап е помалку веројатно да го поткопа режимот, отколку што ќе ги збие руските редови во негова поддршка. Истражувањата покажуваат дека Русите западниот притисок и санкциите ги перципираат како да се насочени кон Русија и нејзините граѓани, а не кон Путин и неговите соработници. Во јануари, 69% од Русите ја поддржаа политиката на Кремљ кон Украина, според бројките од независниот центар Левада.

Да немаме заблуда, поддршката за Путин не е гранитна; наспроти, има распространето сомневање за корупција во неговата влада. Но Русите имаат долга традиција на штитење на своите сонародници од странци. А во овој случај, нападнатите сонародници се Путин и неговата влада.

Руската пропаганда доста длабоко е навлезена во бунарот на национализмот, вешто играјќи на спомените и сликите од Втората светска војна. Во земјата таа е позната како Големата патриотска војна, трудот да се спаси земјата од германската инвазија останува светост за многу Руси. Токму затоа Кремљ ги препакува понижувачките историски термини како "нацисти" за ословување актуелната украинска политичка елита.

Руското општество со децении е милитаризирано, ако не и со векови. Војничката подготвеност се сметаше за една од најважните општествени вредности на Советскиот сојуз – став опфатен на слоганот гравиран на значките на училишните атлетичари - "Спремни за работа и одбрана."

Токму во овој контекст Путин успеа да го искористи западниот притисок како алатка за стекнување поддршка од многу Руси, кои само пред неколку години се чувствуваа далечни, ако не и отуѓени, од неговата влада. Соочени со вистинска или измислена закана за татковината, просечниот Русин ги поддржува лидерите на својата држава.

Ниту пак руската средна класа, која сочинува околу 20 до 30 проценти од населението, е веројатно дека ќе преставува голема закана за Путин. Најголем дел од нив своето богатство го должат на до неодамна високата цена на нафтата и на економското закрепнување во 2000-те, заради што лојалноста кон Путин е една од трајните карактеристики на руската средна класа.

Руските анкети и социолошки истражувања обично покажуваат дека колку е повисок нечиј статус во општеството, толку е поверојатно дека тој ќе гласа за актуелната гарнитура. Мотивите зад ваквото гласачко однесување се разликуваат - некои гласачи ги направиле своите пари за време на економското закрепнување, додека други едноставно се задоволни од статус-кво. Во крајна линија, овие гласачи покажуваат фундаментална лојалност кон државата и граѓаните.

Всушност, само мал дел од средната класа учествуваше во протестите кои почнаа да добиваат на сила кон крајот на 2011-та и почетокот на 2012-та, од кој најголемиот дел беа концентрирани во Москва. И, во секој случај, справувањето на Путин со дисидентите беше очекувано сурово. Тој ја засили легислативата насочена кон задушување на граѓанското општество, покрена тужби против демонстрантите, и ги спречи активностите на Алексеј Навални, опозицискиот политичар кој ветуваше. Овие напори имаат траен ефект врз групите кои беа во срцето на демонстрациите.

Русите од сите сфери на животот покажаа дека тие повеќе претпочитаат пасивна адаптација отколку протести. Соочени со растечките економски притисоци, руската средна класа се држи на страна од политичката инволвираност. Работничката класа не е ништо поинаква. Колку повеќе Западот го зголемува својот притисок, оваа промена станува толку помалку веројатна.

виа
Андреј Колешников
руски новинар / уредник и автор на книги за Анатолиј Чубајс